Дипломатскиот кор во посета на Пелистер
Дипломатскиот кор денеска во придружба на претседателот Ѓорге Иванов и првата дама, престојуваше на Пелистер. Амбасадорите уживаа во зимската идила на најстариот национален парк, дел од нив се потсетија на историските моменти што им се случиле на нивните предци на оваа планина. Преку економската презентација на локалната самоуправа и Регионалната стопанска комора се запознаа со поволностите за инвестирање во Битола...

Задоволство е да се биде на Пелистер, да се почувствува зимската идила во првиот национален парк во земјава, но и космополитскиот дух што го пренесол градот оддалечен само на 15-ина километри. И едниот и другиот претставуваат убава културна разгледница, сведочат за богатата историја, минато во кое индиректно е вградена историјата на дел и од нашите држави. Тоа е само еден сегмент кој нашите пријателски односи ги продлабочува и нѐ тера тоа културно наследство преку заеднички проекти да го обновуваме и чуваме. Таков е примерот со неодамна започната ревитализација на еврејските гробишта- културно историска соработка која за не долго ќе продуцира и економски проекти, вели израелскиот амбасадор.
„Отсекогаш во Македонија сме гледале голем пријател, последниов проект само ги потврди добрите намери на двете земји. Ме радува што чести се средбите и на луѓето од бизнисот на двете земји“, рече амбасадорот на Израел, Дан Оријан.
Француската приказна на Пелистер се историските патеки кои сведочат за убиствените војни што пред еден век се водеа тука помеѓу силите на Антантата и Аијансата. Историско обележје кое нуди кон следни инвестиции.
„Ова обележје е од големо значење за нас Французите, размислуваме за модернизирање на патеките, а тоа може да повлече инвестиции и во областа на туризмот“ рече француската амбасадорка Лоренс Оер.
Дел од дипломатите- според правилото кој еднаш бил на Пелистер повторно ќе дојде.
„Минатата година со семејството бев тука, уживав, повторно ќе дојдам на некој ден повеќе и уште подобро да го запознам Пелистер“, рече американскиот амбасадор, Џејс Бејли.
Локалната самоуправа и Регионалната стопанска комора го искористија присуството на дипломатите да ги претстават и другите убавини на регионот и поволните можности за инвестирање.
„Пред нив и нивните економски аташеи настапивме со сите расположливи ресурси и потенцијали“, рече градоначалникот Владимир Талески.
За време на престојот дипломатскиот кор го посети инфо-центарот каде им беа презентирани сите податоци за националниот парк Пелистер, а средбата заврши со свечен ручек во хотелот Молика.
Стевче Митревски
