Комисијата за финансирање го одобри Буџетот на СЈО

25.01.2016 12:18

За Специјалното јавно обвинителство ќе се издвојат околу 4 милиони евра. Средствата се обезбедуваат со намалување на планираните средства во Буџетот за 2016 од разделот Функции на државата во Министерството за финансии.

Комисијата за финансирање и буџет едногласно ја изгласа одлуката за прераспределба на средствата меѓу буџетските корисници, со цел обезбедување пари за реализација на финансискиот план на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. За Специјалното јавно обвинителство ќе се издвојат околу 4 милиони евра.

Како што образложи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со Предлогот согласно финансискиот план на Јавното обвинителство се планира средства во износ од 253.682.112 денари за 2016 година. Средствата се обезбедуваат со намалување на планираните средства во Буџетот за 2016 од разделот Функции на државата во Министерството за финансии.

Средствата, како што појасни Ставрески, според Предлог-одлуката се наменети за плати и надоместоци на јавните обвинители и јавнообвинителската служба за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучително и средства за советувања и мислења од експерти, професионално напредување на вработените, капитални инвестиции и средства за одржување на просториите и опремата во ова Јавно обвинителство.