Крводарителска акција: Да бидеме хумани како Тоше!

25.01.2016 14:09

На денешен ден македонската поп ѕвезда Тоше Проески ќе полнеше 35 години. Крводарителска акција, за да се покаже хуманоста, но и да не се заборави сеќавањето за Тоше.

Хуманата мисија да се спаси човечки живот продолжува. Денот на раѓањето на нашата најсајна ѕвезда Тоше Проески и годинава повод за дарување крв. Медицинските екипи велат дека од година на година бројот на крводарители е се поголем.

Од Клиниката за трансфузиологија велат дека 80% од дарителите на крв се млади лица.

Волонтерите од Црвениот Крст апелираат до сите граѓани да бидат хумани. Секоја капка крв, спасува нечиј живот.

Традицијата почна во 2010-та година и оттогаш се одржуваат акции двапати во годината. Во изминатите 11 крводарителски акции во спомен на Тоше Проески, 3.300 лица дарувале крв.

Александра Перевска