Екстерното тестирање се одвива непречено
За околу 20 илјади матуранти во средните училишта, од денеска до 29-ти јануари ќе се спроведе екстерно тестирање. Се полагаат тестови по два предмета. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 8-ми февруари, по што има два дена за поднесување приговори...

Матурантите на екстерно тестирање. Во некои училишта почна со задоцнување поради технички проблеми. Откако стигнаа прашањата, оценувањето течеше нормално. Според Министерството за образование и Државниот испитен центар во овој момент процесот се одвива непречено, а во дел од училиштата е и целосно завршен.
Матурантите денес го полагаат првиот предмет. Велат дека прашањата биле лесни, а технички проблеми, освен задоцнувањето немало.
„Јас полагав математичка анализа. Предметот ни е изборен во четврта година. Прашањата беа од предметот, со исклучок на некои нејаснотии кои ги расчистивме со нашите професори. Лесно беше, технички проблеми немаше.“
„Јас полагав програмирање, лесни беа прашањата, се спремав само еден ден. Вчера само ги поминав прашањата, не беа тешки, едноставни беа.“
„За разлика од минатите години подобрено е, ги споредивме прашањата, многу поедноставно е“, велат матурантите кои ги анкетиравме.
Директори на скопски средни училишта тврдат дека екстерното минало без проблеми. За оценувањето биле подготвени и технички и кадровски.
„Првата група веќе заврши со тестирањето, сега е на ред проверката и почнува втората група. Очекувањата се дека се ќе помине во најдобар ред, како и досега“, изјави директорот на средното училиште „Раде Јовчевски- Корчагин“, Јордан Лукаревски.
Матурантите ќе бидат тестирани по 1.662 предмети за кои беа подготвени 85.000 прашања. Приговори ќе може да се поднесуваат од 8- ми до 10- ти февруари.
Викторија Милевска
