ЕК: Фронтекс да ѝ помогне на Македонија

25.01.2016 16:08

По најавата на Брисел за пролетен бран од три милиони мигранти кон Европа годинава, во Унијата се размислува кој е најефикасниот начин со што би се избегнало неприродното населување на стариот континент. Еден од нив е морски штит на грчките острови во близината на турскиот брег. Нефункционалноста на грчките власти, би се решавала и со инсталирање на Фронтекс во Македонија, пишува германскиот дневен весник „Билд Ам Зонтаг“.

Откако Австрија најави враќање бегалците кои ќе го надминат бројот од 37.500 баратели на азил годинава, соседните земји се најдоа во небрано. Немаме веќе време за губење, изјави словенечкиот премиер Церар, кој и пред една седмица побара поголема помош за Македонија за запирање и идентификација на бранот на грчко-македонската граница. 

„Ако се изгради втор контролен пункт на Македонско- грчката граница ќе се спречи и можен конфликт во Западниот Балкан. Има милиони луѓе кои чекаат на европските граници, повторувам милиони. Повеќето од нив немаат право на азил, зашто доаѓаат од безбедни држави“, вели Миро Церар, премиер на Словенија.

Словачкиот премиер Соботка за Чешката телевизија посочи, земјите од Вишеградската група подготвуваат резервна варијанта за помош на Македонија, доколку Европа не успее да ја одбрани грчката граница кон Турција. Едно од решенијата е и отворањето на канцеларија на Фронтекс во Македонија, иако, пишува германски „Билд Ам Зонтаг“, европските граничари се распоредуваат единствено во земји членки на Унијата. Затоа, Европската Комисија дозволува билатерална соработка.

„Знаете дека 57 полициски офицери од земјите членки веќе оперираат од македонската страна на границата, но оценивме дека ќе бидат неопходни повеќе. На билатерално ниво да се обезбеди повеќе персонал, а во Европската комисија ја разгледуваме поддршката во пари и опрема“, изјави портпаролката на ЕК, Наташа Берто. 

Расте бројот на фалсификуваните документи, македонската полиција открива и до 280 потврди за потекло издадени во Грција. Се зголемува и бројот на криумчарење луѓе, па затоа, министрите за внатрешни на унијата се согласија Европа да востанови антитерористички центар.

„Во таа област лажните документи се клучен дел од криминалната активност. Исто така, знаеме и дека во неколку изолирани случаи, со фалсификувани документи осомничени терористи се движеле низ Европа“, вели Роб Вејнрајт, директор на Европол.

Министрите за внатрешни на унијата се согласија Европа да востанови антитерористички центар од педесетина разузнувачи за да  се спречат нападите какви што беа во Париз или Брисел.

Зоран Богатинов