Претседателката на ПССЕ повикува да не се бојкотираат предвремените избори во Македонија

25.01.2016 16:16

Со бојкотирање на изборите не се декларира демократија во една земја, напротив, играта мора да се прифати. Ваква порака испрати претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) која смета дека три месеци се доволни за организирање на избори.

Досегашната претседателка на ПССЕ, луксембуржанката Ан Брасер, непосредно пред истекот на нејзиниот мандат испрати повик до сите политички партии во Македонија да не ги бојкотираат предвремените параламентари избори.

„Не сакам да се мешам во внатрешните работи на Македонија. Но, сакам да им кажам на сите партии, дека бојкотирањето на изборите или потоа бојкотирањето на резултатите, бојкотирањето на парламентот, на овај начин нема да успееме да живееме во демократија. Потребно е да се прифати играта“, изјави Брасер.

Брасер смета дека три месеци се доволни за подготовка на изборите:

„Три месеци пред изборите. Кога гледам други земји каде премиерот е тој кој ги најавува изборите, за многу, многу пократок период, тоа значи дека тоа не е исклучок.“

Досегашната претседателка на ПССЕ, притоа уште еднаш испрати јасна порака:

„Ги повикувам оние кои не се согласуваат со ова да го прифатат ова бидејќи тоа е во демократското правило.“

Се разбира, таа исто како и другите членови на ПССЕ кои ја следат Македонија, ќе можат поизворно да се запознаат со најновиот развој на ситуацијата од страна на македонската собраниска делегација, предводена од пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,  Александар Николоски и членовите Рената Дескоска од СДСМ и Ермира Мехмети од ДУИ.

Ан Брасер, својата функција претседател на ПССЕ денес му ја препушти на еден добар познаник на Македонија, шпанскиот сенатор Педро Агармаунт, кој е избран во името на Народните партии, според принципот на ротација.

Реакцијата на Ан Брасер, се запишува во континуитет на сите досегашни реакции на претставниците на Советот на Европа, кои бараат почитување на демократската игра и учество на политичките партии во изборите и почитување на изборните резултати.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ