Платите во слободните зони слични на просекот во индустриските гранки

25.01.2016 16:33

Платите во ТИРЗ-овите се слични на просекот во индустриските гранки. Не отстапуваат многу од оние на ниво на државата велат од Советот на странски инвеститори. За годинава најавуваат интензивирање на соработката со македонските компании...

Платите во слободните економски зони не отстапуваат многу  од просекот исплатен во соодветните индустриски гранки надвор од ТИРЗ-овите. Анкетата на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора покажала дека се почитувал законот за минимална плата додека средниот раководен кадар имал подобри примања од нивните колеги кои работат во истите индустриски гранки надвор од зоните.

„Нето платата надвор од зоните изнесува 17.555 денари со вклучени хранарина и превоз, додека платите што се исплатени во зоните изнесуваат 16.143 денари без вкалкулирани и обезбедени превоз и храна, што е уште околу 5 илјади денари  на месечна основа“, вели Влатко Стојановски, Стопанска комора на Македонија.

За да ја подобрат сопствената конкурентоност и за да ги намалат трошоците странските инвеститори посакуваат да ја зајакнат соработката со домашните фирми. Се подготвува  база на податоци за тоа кои производи и услуги  можат  да им се понудат  на странските компании во земјава.

„Да се зголеми квалитетот на услуги и на производи кои што домашните компании ги пласираат и треба да ги пласираат за потребите на странските компании. На тој начин индиректно ќе влијаеме  на зголемување на бројот на вработени, врз зголемување на степенот на извозот како репроматеријали и услуги кон Европа и трето на зголемување на додадената вредност“, нагласи Ирена Јакимовска, потпретседател на Советот на странски инвеститори.

Нема забавување на производните процеси ниту, пак, во динамиката на извозот поради наближувањето на предвремените парламентарни избори , велат од Советот. Растечката конкуренција предизвикува загриженост кај фирмите за квалификуваната работна рака и затоа таа треба да се сочува и во неа да се инвестира меѓу другото и преку зголемување на платите, смета Јакимовска.

 

Свето Николовски