Целосно е изграден ПЕТ- Центарот во Скопје

25.01.2016 16:56

Ново поглавје во медицинската дијагностика во земјава, Македонија добива ПЕТ- Центар. Завршија градежните работи на објектот. Ќе служи за навремено откривање на тешки болести и за ефикасна терапија...

За прв пат во Македонија во новиот ПЕТ- Центар произведен е радиоизотоп за рано откривање на рак и други тешки заболувања. Ќе се третираат пациенти од Хематологија, Кардиологија, Неврологија, деца со тешки заболувања.

Завршени се градежните активности. Инвестицијата чини 16 милиони евра. Првите пациенти ќе ги прими за девет месеци, до тогаш експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија од Виена ќе вршат контрола.

„Се она што на пациентите ќе им биде достапно од делот на високо специфични молекули, фармацевтски препарати, кои што треба да бидат етаблирани и како клинички студии, ќе им биде достапно. За клинички студии нема да треба да се оди во САД, Франција, Италија. Тоа е нешто што е потврдено и при континуираните посети на експертите од Меѓународната агенција за атомска енергија“, вели проф. д-р Емилија Јаневиќ- Ивановска.

Во ПЕТ- Центарот ќе се третираат пациенти и од регионот, но ќе може да се извезуваат изотопи во центрите каде што има ПЕТ камера.

„Станува збор за изотопи со краток период на полураспаѓање, за релативно блиската наша околина. Ќе може да се обезбедуваат вакви изотопи за Солун, Софија, Белград, Приштина, Тирана, Ниш, но за оние изотопи кои имаат пократок период на полураспаѓање ќе може да се дава здравствена услуга само во овој центар“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Од Турција до Австрија - Македонија е првата земја во регионот која во ПЕТ- Центарот ќе произведува радиоизотопи. Освен рана дијагностика на болеста, во него ќе може да се следи и дали терапијата што му се дава на болниот е ефикасна.

 

Андријана Атанасовска