Началникот на ГШ на АРМ реферираше пред претседателот Иванов
Реализацијата на плановите и задачите биле согласно со планираното и надлежностите на АРМ.

Минатата година Македонија беше исправена пред многу предизвици. Армијата учествуваше во справувањето со елементарните непогоди, се донесе одлука за нејзино ангажирање на дел од јужната граница поради мигрантската криза. Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Методија Величковски му реферираше на претседателот и врховен командант на оружените сили Иванов. Реализацијата на плановите и задачите биле согласно со планираното и надлежностите на АРМ.
„И покрај сите предизвици со кои арм се соочи во текот на изминатата година, сите задачи се потполно и квалитетно извршени со максимално залагање на персоналот на сите нивоа“, стои во соопштението од Генералштабот.
Врховниот командант им изразил признание на припадниците на Армијата за нивната несебична посветеност во извршувањето на мисијата и нејзините задачи потенцирајќи дека АРМ ужива најголемата доверба во општеството.
„Претседателот Иванов ја истакна улогата на АРМ во справувањето со мигрантската криза и укажа на потребата за донесување на нова Стратегија на одбраната која ќе претставува основа за изработка на планот за одбрана за ефикасно справување со модерните безбедносни закани“, информираат од генералштабот по реферерирањето за армиската борбена готовност.
Дел од единиците на АРМ на јужната граница се ангажирани како поддршка на полицијата во справување со бегалската и мигрантската криза. Продолжува учеството во меѓународните мисии,а приоритет годинава ќе биде подобрување на условите за живот и работа на припадниците на АРМ, модернизацијата и опремувањето како максимална поддршка за подигнување на борбената готовност за успешното извршување на нејзините функционални надлежности.
Милчо Велески
