Дали падот на нафтата ќе ги намали цените на производите во малопродажба?

26.01.2016 16:38

Бизнис секторот калкулира, граѓаните очекуваат поевтинувањето на нафтата да ги намали цените на производите, да ги скастри трошоците за транспорт, позитивно да се одрази врз работењето на стопанството и животниот стандард...

Компаниите почнаа да ги прават пресметките. Од Сојузот на стопанските комори (ССК) велат дека пониската цена на нафтата, како важен инпут во формирањето на продажните цени, се очекува да предизвика поевтинување и на другите производи. За тоа во колкав  процент ќе биде намалувањето- ќе зависи од секторот. Бизнис – секторот очекува, ниската цена на нафтата да се отслика на работењето на стопанството, особено во делот на транспортот.

„Компаниите прават сопствени калкулации дали постои можност за намалување на цените на нивните финални производи. Според повратната инфомација која ја имаме од одредени членки на ССК се разгледуваат такви можности, постои можност посебно во заштедата што може да се направи во транспортните трошоци и трошоците за дистрибуција на сопствените производи“, вели извршниот директор на ССК, Митко   Алексов.

Со слични очекувања се и граѓаните. Велат- нормално е да следи бран поевтинувања.

„Би требало, но ништо не се намалува... барем транспортот.“

„Се намалува се качува- веќе не ги пратам...“

„Ќе се намалат сигурно бидејќи се намалија горивата“, сметаат граѓаните кои ги анкетиравме.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека цените се формираат на пазарот, но намалувањето на овој главен инпут значи дека многу македонски производи ќе треба добијат пониски цени, а  со тоа да се поттикне продажбата.

„Како Организација на потрошувачи очекуваме да се намалат цените, посебно во ланците на супермаркети и дека тие нема да ги покачуваат маржите врз база на тоа, туку ќе останат во едно нормално ниво, односно да паднат маржите особено на македонските производи“, вели Маријана Лончар- Велковска од Организацијата на потрошувачи.

Оваа грејна сезона и домаќинствата кои се гртат на нафта ќе имаат пониски трошоци во домашниот буџет.

Дијана Ценевска