За три години- гасификација на Полошкиот регион

26.01.2016 17:02

Во следните три години треба целосно да биде гасифициран Полошкиот регион. Објавен тендерот за изградба на гасоводот Скопје- Тетово- Гостивар, проект вреден 30,8 милиони евра. Бенефит за компаниите и за граѓаните...

За три години индустриските капацитети и жителите на Тетово, Гостивар и на другите населени места од Полошкиот регион ќе можат да ги користат предностите на природниот гас. Државното АД „Македонски енергетски ресурси“ објави тендер за изградба на делницата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар во должина од околу 76 километри. 

Проценетата вредност на договорот без ДДВ е 1,9 милијарди денари или околу 30,9  милиони евра. Главен критериум за доделување на договорот за јавна набавка е најниската цена, а крајниот рок за доставување на понудите е 1-ви март, за кога е предвидено јавно отворање. Гасификацијата им дава  големи предности на корисниците на гасоводниот систем.

„На сите потенцијални корисници им се исплати да инвестираат и со таа инвестиција да имаат финансиска придобивка, а државата притоа ќе има еколошки придобивски“, вели универзитетскиот професор Кокан Димитров.

Според проектот до 2019-та би требало целосно да биде гасифициран Полошкиот регион. Средствата се обезбедени со кредит од 90 милиони евра од Дојче банка и Ерсте групацијата со кој ќе бидат изградени вкупно 204 километри магистрални гасоводи во земјава.

Освен гасоводот кон Гостивар, со овие средства ќе се финансираат и гасоводните делници Штип- Неготино во должина од 36 километри, за која тендерот беше објавен кон крајот на минатата година, како и кракот од Неготино до Битола во должина од 92 километра.

 

Свето Николовски