Нов погон на „Ван Хул“ во Бунарџик
Белгиската „Ван Хул“ ќе го зголемува производството на автобуси за европскиот пазар. Инвестира 15 милиони евра нов погон во земјава. Компанијата ќе отвори 400 нови работни места...

Белгиската компанија за производство на автобуси „Ван Хол“ ќе инвестира уште 15 милиони евра во постојниот свој производствен капацитет во ТИРЗ Скопје 1 во наредните четири години и најави отворање на дополнителни 400 работни места. Изградбата на објектот ќе почне следниот месец.
Договорот за реализација на втората инвестициска фаза го потпишаа денеска дирeкторот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и Филип Ван Хол, сопственик на белгиската компанија, во присуство на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Во првата фаза во текот на годинава, според најавите, ќе се изгради нов магацин и ќе се прошири производниот оддел за фарбање. Во втората фаза, во 2017/2018 година постоечките четири производни линии ќе бидат удвоени. Како резултат на тоа, производствениот капацитет се најавува да биде зголемен на 900 возила годишно наместо сегашните 500. За таа цел во наредниот период, како што најави сопственикот Ван Хол, ќе бидат ангажирани уште 400 работници, а до 2019 година вкупниот број на вработени во „Ван Хол“ во Македонија да достигне 1.250. Со проширувањето, информира Ван Хол, капацитетите на фабриката ќе достигнат 72 илјади метри квадратни.
