Вирусот Зика сее страв во Бразил, можно е да се прошири во државите на Јужна и Северна Америка

27.01.2016 10:35

Светската здравствена организација предупредува дека опасниот вирус Зика може да се прошири во државите на Јужна и Северна Америка. Најопасен е за бремените жени, бидејќи влијае на фетусот, децата се раѓаат со тешки оштетувања на мозокот, што може да предизвика и смрт. Досега вирусот Зика е регистриран во 23 држави. Прв случај е регистриран и во Норвешка...

Зика вирусот сее страв во Бразил. Властите ги подигнаа мерките за безбедност и почнаа со едукативни кампањи за превенција од вирусот кој го пренесуваат комарците. Поради рапидното растење на бројот на доенчиња родени со сериозни оштетувања на мозокот, Владата ќе ангажира 220.000 војници кои ќе делат флаери со упатство за заштита од комарците.

Во најзагрозените области специјални екипи почнаа со дератизација на домовите. Ваквата реакција следи откако министерот за здравство Марчело Кастро изјави дека земјата ја губи битката во борбата со вирусот и дека можеби ова е најголема здравствена криза со која се соочува земјата.

„Сите места кои ги сметаме за потенцијално опасни, почнавме да ги чистиме. Ги преземаме сите неопходни мерки за да го заштитме населението“, вели Маркос Фериера, министер за животна средина.

Според последните податоци од октомври минатата година, во Бразил се регистрирани 4.000 сомнителни случаи, додека во 2014-та биле констатирани 150 заразени. Кај тримесечната Кели е констатиран вирусот Зика, таа е родена со сериозни нарушувања.

„Имаме целосна подршка од државната болница, ќе почнеме со стимулациска терапија, но не знаеме какво влијание ќе има врз нејзината здравствена состојба“, вели мајката на Кели.

Болниците во Бразил се преполни со трудници кои стравуваат за здравствената состојба на бебињата.

„Ова е голем предизвик со кој се соочува здравствениот систем во Бразил. Ние на овие деца ќе им понудиме постојана помош на подолг рок. Мора да бидеме подготвени и да се справиме со оваа појава“, изјави Марија Роча, педијатар.  

„Не гледам никаква опасност. Слушнав за вирусот, но ги следев препораките на Светската здравствена организација и се вакцинирав. Не се плашам дека нешто може да ми се случи“, вели еден турист.

Според податоците на експертите 80 насто од луѓето кои се заразени од вирусот немаат никакви симптоми, но нема конкретни информации како влијае на бремените жени. Владите на повеќе земји издадоа предупредување трудниците да не патуваат во ризичните региони.

 

Марија Петковска