Прелиминарни избори: Трамп кај Републиканците- Хилари кај Демократите?!

28.01.2016 10:17

Идната недела во американската сојузна држава Ајова почнуваат прелиминарните избори во Демократската и Републиканската партија за освојување на номинацијата за претседателски кандидат. Засега кај Републиканците водат милијардерот Доналд Трамп и сенаторот Тед Круз, а кај Демократите поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и сенаторот Берни Сендерс.

Милијардерот Доналд Трамп и сенаторот Тед Круз имаат најмногу шанси да ги освојат првите прелиминарни избори за номинација за претседателски кандидат на Републиканската партија во Ајова идниот понеделник. Дел од Републиканците сметаат дека изборот на Доналд Трамп ќе биде лош за партијата  поради неговата контроверзност, што неодамна доведе до гласање во британскиот парламент за забрана за негов влез во Обединетото Кралство. Сенаторот Тед Круз е роден во Канада, па некои сметаат дека нема легално право да се кандидира за американски претседател. Експертите Републиканци сакаат да се избере кандидат од сенаторите Тед Круз или Марко Рубио или поранешниот Гувернер на Флорида Џеб Буш.

„Тед Круз ќе победи во Ајова, Доналд Трамп во Њу Хемпшир. Но под овие резултати и зошто овие држави каде порано се гласа се важни е битката за прво место. Марко Рубио ќе заврши на трето место во двете држави или второ во Њу Хемпшир, а на трето во Ајова. Или Џеб Буш ќе заврши на третото место во Њу Хемпшир иако веќе сите го отпишаа. Еден од овие кандидати, Џеб Буш, Тед Круз, Марко Рубио, мислам дека нема да бидат Крис Кристи или Кесик, ќе бидат на второ место во Њу Хемпшир“, изјави Сара Фаген- поранешен директор за политички работи во администрацијата на претседателот Џорџ Буш.

Доколку Хилари Клинтон ги освои прелиминарните избори во Ајова, тоа ќе ја зацврсти нејзината позиција како најсериозен кандидат за претседател на Демократската партија, што сериозно е разнишана по започнатата истрага на ФБИ за скандалот со имејловите. Сепак и сенаторот Берни Сендерс добро котира меѓу гласачите.

„Хилари Клинтон ќе победи во Ајова и ќе оди во Њу Хемпшир. Тоа е држава што е до Вермонт, каде демографски му одговара на сенаторот Сендерс и каде тој има многу добра кампања. Потоа ќе одат во Јужна Каролина, и најверојатно Клинтон ќе победи таму. Вака ќе се одвиваат работите, но на крајот Хилари Клинтон ќе биде номинирана“, вели Анита Дан- поранешен директор за комуникации во администрацијата на претседателот Барак Обама.

Според анализите, помладите Американци нема да гласаат за Доналд Трамп доколку тој биде номиниран. Социјалната политика на сенаторот Берни Сендерс повеќе им се допаѓа на поддржувачите на демократите, отколку изборните ветувања на Хилари Клинтон. Најголем број од Американците се неопределени.

Кој ќе биде номиниран за претседателски кандидат на Демократската и Републиканската партија ќе биде попознато по изборите што ќе се одржат и во Њу Хемпшир. Тие ќе бидат само една недела по прелиминарните избори во Ајова.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ