Култната 5-та симфонија на Малер во изведба на Македонската филхармонија
Филхармонијата ќе ја изведе грандиозната Петта симфонија од австрискиот композитор Густав Малер, како и познатиот Концерт за пијано и оркестар бр.1 од унгарскиот композитор Франц Лист, каде како солист ќе се претстави хрватската и светска пијанистка Мартина Фиљак.

„Танц на судбината“ е насловот на концертот на Македонската филхармонија, што под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, ќе се одржи вечер во Домот на АРМ во 20 часот. Филхармонијата ќе ја изведе грандиозната Петта симфонија од австрискиот композитор Густав Малер, како и познатиот Концерт за пијано и оркестар бр.1 од унгарскиот композитор Франц Лист, каде како солист ќе се претстави хрватската и светска пијанистка Мартина Фиљак.
За големиот австриски композитор со еврејско потекло, Густав Малер (1860 - 1911), едногласни се изведувачите, но и публиката во мислењето: „Да се диригира, да се слуша и да се изведува Малер е единствено искуство“. Диригентот Даниел Рајскин ќе каже и дека често се поставува прашањето дали е некој дораснат да го изведува Малер и да ја сфати генијалноста и едноставноста на неговата музика.
Во 2009 година, Фиљак освојува златен медал на реномираниот Меѓународен натпревар во Кливленд, а набргу потоа дебитира во „Концертхаус“ во Берлин, „Музиквереин“ во Виена, „Карнеги хол“ во Њујорк.... Магазинот „Њујорк тајмс“ за неа напиша дека поседува „живописна и привлечна сценска присутност..., снаодливост во техниката и природна музикалност... Пијанистката е вредна за внимание...“
