Бруклин ја продолжи серијата, Мајами се врати на победа

22.01.2014 12:46

Кошаркарите на Бруклин ја остварија третата победа во низа, а осма во серија, по победата против Орландо со 101:90. Одново успехот беше плод на тимската игра, при што во составот на Бруклин, сите единаесемина кои влегоа во игра, се запишаа меѓу стрелците. Од нив најпродуктивни беа резервистите, Ендрју Блеч со 18 поени, 5 скокови и 3 асистенции, и босанскиот интернационалец Мирза Телетовиќ со 14 поени. Сличен придонес остварија и стартерите Пол Пирс и Џо Џонсон, кои постигнаа по 13 поени. Кај Орландо, Кајл О Квин беше најдобар поединец, со 15 поени и 8 скокови.

Кошаркарите на Бруклин ја остварија третата победа во низа, а осма во серија, по победата против Орландо со 101:90. Одново успехот беше плод на тимската игра, при што во составот на Бруклин, сите единаесемина кои влегоа во игра, се запишаа меѓу стрелците. Од нив најпродуктивни беа резервистите, Ендрју Блеч со 18 поени, 5 скокови и 3 асистенции, и босанскиот интернационалец Мирза Телетовиќ со 14 поени. Сличен придонес остварија и стартерите Пол Пирс и Џо Џонсон, кои постигнаа по 13 поени. Кај Орландо, Кајл О Квин беше најдобар поединец, со 15 поени и 8 скокови. Со 18 – та победа сезонава, Бруклин се најде на седмото место во Источната конференција, а Орландо е на претпоследното, со само 11 победи и 31 загубени натпревари.      

Шампионот Мајами го совлада Бостон со 93:86, и се врати на победнички патеки, по завчерашниот пораз од Атланта, во кој Перо Антиќ беше најзаслужен за триумфот на ’’јастребите’’. Иако настапи без еден од најдобрите кошаркари, Двејн Вејд, на висина на задачата беше Леброн Џејмс, кој постигна 29 поени, имаше 8 скокови и 4 асистенции, а Крис Бош го заврши мечот со 16 поени и 6 освоени топки под обрачите. Кај Бостон најефикасен резервистот Бас, со 15 поени. Мајами со 30 – та победа, останува на втората позиција на истокот, зад водечката Индијана, а најтрофејниот клуб во историјата, Бостон, ја игра една од најслабите сезони,во која има само 14 победи и 29 порази.

Во дербито на западот, Оклахома Сити беше поуспешна од Портланд, со 105:97, благодарение на најдобриот стрелец во лигата, Кевин Дурант, кој постигна 46 поени, 5 скокови и 4 асистенции. Кај гостите не помогна ни тандемот Олдриџ – Метјус, кои искомбинираа 50 поени, од кои крилниот центар оствари 29 поени, зачинети со 16 скокови. Двата тима остануваат при врвот, со тоа што, со шаховски термин, направија рокада на табелата, и сега Оклахома е второпласирана со ефект од 32 – 10, и го потисна Портланд, кој има 31 – 11. Во односот победи – порази ,лидерот Сан Антонио е со 32 – 9.

Во другите два натпревара одиграни рано изутрина, се радуваа гостинските екипи. Сакраменто предводен од Руди Геј, кој постигна 41 поен, 8 скокови и 5 асистенции, славеше во Њу Орлеанс со 114:97. Кај домаќините, Тајрик Еванс имаше 17 поени, а Ентони Дејвис 16. Двата тима се далеку од плеј оф зоната, Сакраменто ја оствари само 15 – та победа, а Њу Орлеанс е чекор понапред, со 16 досега.

Во Солт Лејк Сити, екипата на Минесота, со сличен резултат ја совлада Јута. За конечните 112:97 најзаслужен е Кевин Лав, со 19 поени, 13 скокови и 8 асистенции. Идентичен број на поени постигна Кори Бруер, а Црногорецот Никола Пековиќ го заврши дуелот со 18 поени и 9 скокови. Мала утеха за домашните е остварувањето на Гордон Хејворд, беше најефикасен на натпреварот, со 27 поени. И додека Јута ја игра најслабата сезона во историјата, во која е најслаба во Западната конференција со само 14 победи и 29 порази, Минесота со 20 – та победа, заедно со Мемфис и Денвер, се распопредени од 9 до 12 место, со амбиции за пласман во плеј офот.