Дебата за заедничко родителство по развод
По разводот, родителите заеднички да се грижат за децата- дебата за предложените Законски измени за воведување заедничко родителство. Во сегашната ситуација, детето вообичаено се доделува на едниот родител, а другиот добива ограничени права на средби.

Децата се жртви по разводот на родителите. Немаат обострана љубов, ниту можност да растат со компромисно решение за своите проблеми и предизвици во животот. Старателството се доделува на едниот, најчесто на мајката, другиот има ограничени средби и можности да влијае во градење на неговата личност. Вака се кршат родителските права, се дискриминираат и децата- велат од Здружението на родители кои поднеле иницијатива за заедничка родителска грижа по разводот.
„Во реалноста, ако немаш договор со поранешниот брачен другар стануваш родител од втор ред, односно стануваш викенд родител и децата ги гледаш секој втор викенд, а во многу случаи и помалку од тоа. Бараме да се воспостави некој праведен однос каде што децата и после разводот ќе можат да растат и да се развиваат во присуство на двајцата родители“, изјави Наум Рибарски- Здружение на родители што ја поднесе иницијативата заедничко родителство.
Ограничување по разводот може да има доколку со текот на времето Центарот за социјални работи процени дека едниот родител не остварува квалитетно родителско право - и првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ја поддржува иницијативата.
„Може да има рестрикции, може да се стави со ограничена временска рамка, но стартната позиција не може да биде обесправувачка, дискриминаторска кон кој било родител. Детето кога ќе се разведуваат родителите сака да ги гледа двајцата родители подеднакво дека водат грижа за него“, вели Драги Змијанац- претседател на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Дебата на стручната јавност за предложените законски измени за воведување заедничко родителство. За прв пат јавно се зборува за овој општествен проблем.
Андријана Атанасовска
