Делегација на ПССЕ во февруари во Македонија

28.01.2016 15:03

Делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа во средината на февруари ќе ја посети земјава за да ги провери подготовките за претстојните собраниски избори. Мисијата за набљудување на Советот на Европа ќе ја предводи Стефан Шенах, најави потпретседателот на парламентарното собрание Александар Николоски.

Пред Комисијата имаа можност да се обратат двата члена од македонската собраниска делегација при ПССЕ, пратениците Александар Николоски од ВМРО - ДПМНЕ и Рената Тренеска Дескоска од СДСМ, додека Ермира Мехмети од ДУИ, која поради други обврски веќе не е во Стразбур, ја пропушти можноста да ги претстави своите видувања.

На состанокот ги претставија нивните и видувањата на нивните партии за актуелната ситуација во Република Македонија, во перспектива на предвидените предвремени избори на 24 април годинава. Потоа тие одговараа на прашањата на членовите на Мониторинг комисијата.

Деталите за она што било кажано на состанокот не беа изнесени за јавноста, со оглед дека овие состаноци се зад затворени врати, со цел да им се овозможи на пратениците да зборуваат слободно и без стравувања дека нивните изјави потоа можат да бидат преземени и толкувани.

Пратеникот Николоски претходно ни ја даде следната изјава:

„Согласно правилата овде, тоа се доверливи дискусии, кои не смеат да излегуваат во јавноста. Ние досега секогаш сме го почитувале тоа. Тука сме биле коректни и ние од владејачката партија и од опозиционата партија. Се надевам дека и овој пат ќе е така. Секако ќе се разговара за актуелни теми.“

ПССЕ со внимание ќе го следи предизборниот и изборниот процес во Република Македонија. Потврда на тоа е испраќањето на парламентарната делегација во средината на февруари, во нашата земја.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ