Промовиран проект за надворешна контрола на работата на полицијата
Создавање на надворешен механизам за контрола на активностите на МВР. Со овој проект во соработка со Холандската амбасада би се постигнал поголем степен на доверба во министерството и во вработените, на задоволство на граѓаните.

Постоењето на независен и ефикасен систем за жалби ќе претставува коректив на работата на полицијата и ќе влијае на зголемување на ефикасноста и одговорноста на полициската служба, тврди ресорниот министер Спасовски.
„Можност плус за зајакнување на довербата на јавноста во полицијата и треба да гарантира дека никој нема да биде заштитен при евентуално несоодветно или незаконско постапување, особено не оние кои се најповикани да застанат во одбрана на правата безбедноста и сигурноста на граѓаните“, рече министерот Спасовски.
Проектот ќе придонесе Македонија да развие јасна визија за тоа каков тип механизам најдобро се вклопува во македонската правна рамка, смета амбасадорот на Кралството Холандија, Пломп.
Од Советот на Европа било воочено дека постојниот систем има проблеми со ефективноста на истрагите. Според нивниот претставник Тања Ракушиќ - Хаџиќ, потребна е јасна политичка одлука и порака која ќе биде испратена до сите полициски сили дека ќе има нула толеранција за полициските злоупотреби.
Петмесечниот проект почна во декемви минатата година. Финансиран е од Советот на Европа и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Целта е да им обезбеди поддршка на нашите власти во процесот на воспоставување независен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата.
Фиљана Кока
