Најмногу злоупотреби на личните податоци на социјаните мрежи

28.01.2016 16:20

Интернетот го зголеми ризикот од злоупотреба на личните податоци. Најзагрозени се основците и средношколците, кои се се повеќе присутни на социјалните мрежи. Годинава ќе се работи на ново законодавство со кое треба да се подигне степенот на заштита на приватноста...

Виртуелната комуникација и социјалните мрежи ни го олеснија живеењето, но го зголемија ризикот од злоупотреба на личните податоци. Граѓаните сѐ почесто се жалат дека им се краде идентитетот, нивното име се користи за креирање лажни профили, се нарушува приватноста. Се зголемува и бројот на поплаки до институциите кои треба да ги заштитат личните податоци.

„395 извршени надзори во 2015 година кои резултирале само со две прекршочни пријави кај хронични повторувачи на повредите на личните податоци. Најчести се повредите во делот на социјалните мрежи, креирање на лажни профили, злоупотреба, нарушување на приватноста, достоинството на поединецот“, изјави Горан Трајковски, директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци.  

Македонија е рамноправен член во европското семејство за заштита на основните човекови права. Годинава во земјава ќе се работи на нова законска легислатива, која  треба да биде во согласност со европските правила. Ќе нѐ советуваат странски експерти.  

„Експертите кои доаѓаат од оваа унгарска агенција ќе дадат своја експертска помош и поддршка не само на  Комисијата за заштита на лични податоци, туку и на Комисијата за пристап до информации од јавен карактер. Се надеваме дека за две години од сега ќе се случат многу подобрувања“, вели Габор Фришман, консултант од Унгарија.

Во Македонија расте свеста за заштитата на личните податоци. Најзагрозена категорија се основците и средношколците кои се сѐ повеќе присутни на социјалните мрежи. Ќе се работи на нивна едукација.

 

Викторија Милевска