Почнуваат мировните преговори за Сирија, опозицијата нема да учествува
Сириската опозиција го услови учеството на мировните преговори, што треба да почнат во Женева. Според опозицискиот Сириски национален совет, ваква одлука донеле, бидејќи од ОН не ги добиле бараните достигнувања...

Во Женева почнуваат мировните преговори за Сирија под покровителство на Обединетите нации. Претставници на сириската опозиција соопштија дека нема да присуствуваат се додека не биде постигнат договор за доставување хуманитарна помош во градовите кои се најзагрозени.
„Поради технички причини во моментот нема да учсетвуваме на преговорите. Досега ја завршивме демократската листата на која има петнаест основни и уште петнаесе алтернативни точки. Господинот Мистура ја доби оваа листа“, изјави Хатман Мана- претставник на опозицијата.
Преговорите во Женева се најголема дипломатска иницијатива за прекин на петгодишната војна во најкомплексното светско жариште во која повеќе од 260 илјади луѓе загинаа, а милиони ги напуштија домовите.
„Изминатите години видовме многу слики како деца се наоѓаат во првите борбени редови, на контролнуи пунктови, а во екстремни случаи и како учсетвуваат во убиства. Сите страни мора да почнат да ги почитуваат и имплементираат меѓународните човекови права“, вели Хана Сингер, УНИЦЕФ.
Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан Де Мистура во пресрет на преговорите преку видео порака се обрати до сирискиот народ.
„Пет години војна се премногу. Вие треба да го подигнете гласот. Земјата е целосно уништена. Доста е од бомбардирања, доста е од луѓе кои бегаат од земјава. Вашите деца сакаат да одат во училиште, но не смеат бидејќи е премногу опасно“, изјави Стефан Де Мистура специјален претставник на ОН.
Новиот комесар за бегалската криза на ОН, Филипо Гранди, ги повика страните во сирискиот конфликт да постигнат траен мировен договор. Мојот повик е јасен- очекувам што е можно најбрзо прекинување на борбите, и склучување на мировен договор, кој ќе биде стабилен и траен, истакна Гранди.
Договор за нова Влада, нов Устав и организирање на избори ќе бидат главна тема на разговорите, но аналитичарите велат дека поради сложеноста на состојбата преговорите можат да траат шест месеци.
Марија Петковска
