Со нов проект туристички ќе се развива Кокино
Една од најстарите и најуникатни примери на културно наследство во Македонија-опсерваторијата Кокино, ќе се развива како туристичка дестинација со нов проект план. Со поставување на патокази и реновирање на информативните табли, локалитетот ќе стане лесно достапен за туристите.

Единствена појава на Балканот и реткост во Европа- опсерваторијата и света планина Кокино е меѓу најстарите и уникатни примери на културно наследство во Македонија. Со новиот проект за развој, Кокино ќе израсне во туристичка дестинација, атрактивна за странските туристи.
„Кокино - Македонски бренд- овој проект вклучува изградба на пристапна патека, поставување на заштитни огради на дел од патеките, со материјали кои се во согласност со природната околина, изработка на информативни материјали за локалитетот и изградба на центар за посетители“, соопшти министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
Седумте камени маркери во мегалитската опсерваторија Кокино, во минатото ги означувале местата за изгревање на сонцето и на месечината. Со новиот проект за развој, ќе се сочува неговиот автентичен изглед.
„Мегалитската опсерваторија Кокино е единствена од овој вид, затоа што не е само астрономски локалитет, туку е и археолошки, каде досега се пронајдени бројни артефакти за постоењето на живот и цивилизација на ова место уште во железната доба“, вели Лела Крстевска, директорка на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Проектот за развој на Кокино вклучува нова интернет страница и видеозапис за локалитетот, како и аудиоводич во форма на мобилна апликација. Развојот на туризмот на Кокино, велат надлежните, нема негативно да влијае врз природната средина и локалната култура.
„Во наредните месеци планираме и неколку зафати на самиот локалите, за подобро да се зачува локалитетот, а УСАИД и Швајцарската влада ќе донираат средства за изградба на заштитни прегради за деловите од локалитетот кои бараат посебна грижа“, изјави Анита Цветановска, директорка на НУ Музеј Куманово.
Американската вселенска агенција НАСА, пред повеќе години го позиционираше Кокино на четвртото место, меѓу најстарите и највредни 15 праисториски опсерватории во светот.
Александра Перевска
