Претседателот Иванов се сретна со членови на Италијанско-Македонската стопанска комора

29.01.2016 14:15

Бизнисмените го информираа претседателот Иванов за нивните активности во насока на унапредување на економската соработка и трговската размена со Република Македонија...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на Италијанската Република, синоќа во Рим, имаше работна вечера со членови на Италијанско-Македонската стопанска комора, која што работи на развојот на економската соработка меѓу двете земји, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Бизнисмените го информираа претседателот Иванов за нивните активности во насока на унапредување на економската соработка и трговската размена со Република Македонија, притоа истакнувајќи дека Македонија за нив претставува привлечна дестинација за проширување на нивните бизниси и капацитети.

Иванов истакнал дека Италија претставува значаен трговски партнер на Македонија, и во континуитет е меѓу првите 10 земји-трговски партнери, изразувајќи очекување дека во наредниот период ќе се зголеми бројот на италијанските инвестиции во Република Македонија.

Италијанско-Македонската стопанска комора е формирана во 2015-та година со цел продлабочување на севкупните односи меѓу двете држави, со акцент на стопанската и економската соработка.