ПРАВИЛНИК за одговорност на јавните службеници во ЈП Македонска Радио Телевизија
ЈП МАКЕДОНСКА РАДИО ТЕЛЕВИЗИЈА
П Р А В И Л Н И К
за одговорност на јавните службеници во
ЈП Македонска Радио Телевизија
Скопје, ноември 2012
Врз основа на член 138, став 1 алинеа 9 од Законот за радиодифузна дејност (Службен весник на РМ бр.100/05, 19/2007, 103/2008, 6/2010, 145/2010, 97/2011 и 13/2012) и член 46 став 1 алинеја 9 и 11 од Статутот на ЈП Македонска Радио Телевизија ,а во согласност со Законот за јавни службеници (Службен весник на РМ бр.52/2010, бр.36/2011, бр.6/2012, бр.24/2012 и бр.6/2012) , Управниот Одбор на ЈП Македонска Радио Телевизија на 30-та седница одржана на 06.11.2012 година, го донесе следниот:
П Р А В И Л Н И К
за одговорност на јавните службеници во
ЈП Македонска Радио Телевизија
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Правилник се пропишува начинот на водењето на дисциплинската постапка за утврдување на дисциплинска неуредност и дисциплински престап на вработените во ЈП Македонска Радио Телевизија како јавни службеници.
Вработените лица во ЈП Македонска Радио Телевизија како јавни службеници се лично одговорни за вршењето на работите и работните задачи од работното место.
Вработените лица во ЈП Македонска Радио телевизија како јавни службеници одговараат дисциплински за повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи (дисциплинска одговорност).
Вработените лица во ЈП Македонска Радио телевизија како јавни службеници одговараат за штетата што ќе ја направат на работа или во врска со работата, намерно или од крајна небрежност спрема ЈП Македонска Радио Телевизија (материјална одговорност).
На јавниот службеник може да му се изрече дисциплинска мерка за повреда на службената должност која преставува дисциплинска одговорност само во постапка утврдена со Закон за јавни службеници и на начин пропишан со овој Правилник.
II.ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ
Член 2
Во ЈП Македонска Радио телевизија вработените како јавни службеници одговараат дисциплински за:
· ДИСЦИПЛИНСКА НЕУРЕДНОСТ
· ДИСЦИПЛИНСКИ ПРЕСТАП
ДИСЦИПЛИНСКА НЕУРЕДНОСТ
Член 3
Вработеното лице како јавен службеник одговара за дисциплинска неуредност кога се работи за полесна повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи.
Дисциплинска неуредност е:
- непридржување на работното време, распоредот и користењето на работното време и покрај опомената од непосредно претпоставениот раководител;
- неоправдано недоаѓање на работа до два работни дена во текот на една календарска година;
- неносење на ознаки на вработените лица кои работат со странки и се должни во текот на работното време на работното место да носат на видно место ознака на личното име, работното место и институцијата во која работи, а согласно член 27 од Законот за јавни служнбеници;
- неизвршување или несовесно, ненавремено, непристојно или небрежно вршење на работите и работните задачи со полесни последици од повредата;
- неизвестување на непосредно претпоставениот раководител, односно раководното лице во ЈП МРТ, за спреченоста за недоаѓање на работа во рок од 24 часа од неоправдани причини и
- одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое јавниот службеник во ЈП МРТ се упатува.
Член 4
Постапката за утврдување на дисциплинска неуредност започнува со поднесување на писмен извештај од непосредно претпоставениот раководител за сторена повреда дисциплинска неуредност до Работоводниот орган на ЈП МРТ.
Јавниот службеник против кој е поднесен писмен извештај за дисциплинска неуредност се известува писмено за наводите во писмениот извештај на непосредно претпоставениот раководител што стојат против него и истиот има право да даде устен или писмен одговор во рок кој не може да биде пократок од 5(пет) дена од денот на писменото известување.
По истекот на рокот од 5 (пет) дена за устен или писмен одговор од јавниот службеник, Работоводниот орган на ЈП МРТ во рок од 30 дена од денот на започнувањето на постапката донесува решение за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплинска неуредност.
Член 5
За утврдена дисциплинска неуредност Работоводниот орган може да изрече:
· јавна опомена;
· парична казна во висина од 20% од едномесечниот износ на нето платата исплатена во последниот месец пред извршувањето на дисциплинската неуредност во траење од еден до три месеци.
Член 6
При изрекувањето на дисциплинските мерки од член 5 на овој Правилник Работоводниот орган ќе ги земе предвид:
- тежината на дисциплинската неуредност;
- последиците од дисциплинската неуредност;
- степенот на одговорност;
- околностите под кои е сторена дисциплинската неуредност;
- поранешното негово однесување и вршење на работите и работните задачи;
- други олеснителни и отежнителни околности.
ДИСЦИПЛИНСКИ ПРЕСТАП
Член 7
Дисциплински престап е потешка повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи.
Дисциплински престап е:
- неизвршување или несовесно, ненавремено, непристојно или небрежно вршење на работите и работните задачи;
- носење или истакнување партиски симболи во работната просторија;
- одбивање да се даде или давање на неточни податоци на државните органи, правните лица и на граѓаните, доколку давањето на податоци е пропишано со закон;
- незаконито располагање со материјалните средства;
- одбивање на вршење на работите и работните задачи од работното место на кој е распореден или одбивање на наредби од раководното лице на институцијата;
- непреземање или делумно преземање на пропишаните мерки за осигурување на безбедноста на доверените предмети;
- предизвикување на поголема материјална штета;
- повторување на дисциплинска неуредност;
- примање на подароци или друг вид корист спротивно на закон;
- злоупотреба на статусот или пречекорување на овластувањата во вршењето на работите;
- злоупотреба на боледување;
- одавање класифицирана информација со степен на тајност определен согласно закон;
- внесување, употреба и работење под дејство на алкохол или наркотични средства;
- непридржување кон прописите за заштита од болест, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и повреда на прописите за заштита на животната средина;
- поставување на личниот финансиски интерес во судир со положбата и статусот на јавен службеник;
- навредливо и насилничко однесување;
- неоправдано одбивање учество во изборни органи и
- спречување на избори и гласање, повреда на избирачко право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори, повреда на тајноста на гласањето, уништување на изборни исправи, изборна измама што како член на изборен орган го извршил јавниот службеник.
1.KОМИСИЈА ЗА ВОДЕЊЕ НА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ЗА ДИСЦИПЛИНСКИ ПРЕСТАП
Член 8
За утврдување на повредите на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи, како и за утврдување на одговорност и изрекување на мерките за тие повреди се формира Комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап (во понатамошниот текст: Комисијата) за секоја постапка одделно.
Комисијата за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап ја формира Работоводниот орган на ЈП МРТ со решение.
Комисијата за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап е составена од Претседател и двајца членови од кои еден е претставник на Синдикатот и нивни заменици.
Комисијата има записничар, кој го определува Претседателот на Комисијата, од редот на вработените во ЈП МРТ, каде што се води дисциплинска постапка, без право на глас.
При формирањето на Комисијата за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап се применува принципот на соодветна правична застапеност на сите заедници во Република Македонија.
Комисијата од став 1 на овој член од Правилникот работи во полн состав, а одлуката ја донесува со мнозинство гласови.
2.НАЧИН НА ВОДЕЊЕ НА ДИСЦИПЛИНСКАТА ПОСТАПКА ЗА ДИСЦИПЛИНСКИ ПРЕСТАП
Покренување и водење на дисциплинската постапка
Член 9
Дисциплинската постапка против јавниот службеник се покренува со предлог на непосредно претпоставениот раководител.
По исклучок, доколку јавниот службеник нема непосредно претпоставен раководител или доколку непосредно претпоставениот раководител е отсутен подолго време, поради болест или други оправдани причини, предлогот за поведување дисциплинска постапка го поднесува непосредно повисокиот раководител односно Работоводниот орган.
Член 10
Предлогот за покренување на дисциплинска постапка содржи:
- име и презиме на јавниот службеник;
- опис на повредата на службената должност и на околностите под кои таа е сторена,
- времето и местото на извршувањето на повредата;
- законскиот основ за покренување;
- докази за повредата;
- датум и потпис.
Предлогот за покренување на дисциплинска постапка
Член 11
Предлогот за покренување на дисциплинската постапка се доставува до Работоводниот орган.
Работоводниот орган донесува решение за формирање на Комисија, најдоцна 8 дена од денот на поднесување на предлогот за покренување на дисциплинската постапка.
Решението заедно со предлогот за покренување на дисциплинската постапка, го доставува до Претседателот и членовите на Комисијата.
Комисијата го доставува на одговор, предлогот за покренување на дисциплинска постапка до јавниот службеник, најдоцна за пет дена.
Јавниот службеник, го доставува одговорот на предлогот за покренување на дисциплинската постапка до Комисијата, најдоцна за седум дена.
За дисциплинските престапи од член 7 став 1 точките 17 и 18 од овој Правилник, Комисијата се формира најдоцна 48 часа од денот на поднесувањето на предлогот за покренување на дисциплинска постапка, решението за формирање и предлогот за покренување на дисциплинската постапка се доставува до Претседателот и членовите на Комисијата најдоцна за 48 часа од поднесувањето на предлогот, Комисијата го доставува на одговор предлогот најдоцна за 48 часа, а јавниот службеник, доставува одговор до Комисијата најдоцна за 72 часа.
Член 12
Претседателот на Комисијата, закажува расправа на која ги повикува:
- јавниот службеник кој ја сторил повредата;
- подносителот на предлогот за покренување на дисциплинската постапка;
- сведоците;
- претставникот на Синдикатот,
- по потреба и други лица.
Поканата за расправа се доставува најдоцна пет дена пред почетокот на расправата, до сите повикани учесници од став 1 на овој член.
За дисциплинските престапи од член 7 став 1 точките 17 и 18 од овој Правилник, поканата за учество се доставува најдоцна 48 часа пред почетокот на расправата.
Член 13
Поканата за расправа содржи:
- име и презиме на лицето кое се повикува;
- времето и местото на одржување на расправата;
- причината за повикување и
- својството во кое се повикува лицето во постапката.
Поканата за расправа се доставува лично до јавниот службеник, по правило во работните простории на ЈП МРТ во кои јавниот службеник работи, односно на адреса на живеалиштето, односно престојувалиштето од кое јавниот службеник секојдневно доаѓа на работа.
Член 14
Пред почетокот на расправата, Претседателот на Комисијата утврдува дали се присутни сите повикани лица и го проверува нивниот идентитет.
Расправата може да се одржи во отсуство на јавниот службеник доколку уредно бил повикан, а отсуствува од неоправдани причини.
Доколку јавниот службеник има причина за оправдано отсуство должен е да ја извести писмено Комисијата во рок од три дена од денот на приемот на поканата за своето отсуство и да приложи доказ за оправдано отсуство.
Тек на главна расправа
Член 15
Кога се исполнети условите за одржување на расправата, Претседателот на Комисијата, го објавува предметот на постапката и ја отвара расправата.
Претседателот на Комисијата им дава збор на :
- подносителот на предлогот за покренување на дисциплинската постапка,
- јавниот службеник;
- сведоците, вештите лица и другите учесници во постапката.
Претседателот на Комисијата и членовите на Комисијата може да поставуваат прашања и да бараат објаснувања.
Претседателот на Комисијата ги објавува заклучоците на Комисијата за одржување или одложување на расправата и се грижи за правилно водење на записникот од расправата.
Докази и изведување на докази
Член 16
По изјаснување на јавниот службеник, Комисијата пристапува кон изведување на предложените докази.
Доказите се изведуваат со читање писмени извештаи, информации, изјави и други исправи или со сослушување на сведоците, а кога е тоа потребно се одредува и вештачење. На расправата може да се изнесат и дополнителни докази.
При изведување на доказите Комисијата се води од начелото за слободна оценка на доказите.
Кога сведокот или по потреба вештакот ќе бидат испрашани од Претседателот и од членовите на Комисијата, прашања може да поставуваат и подносителот на предлогот и јавниот службеник.
Член 17
Во текот на постапката пред Комисијата, се бара и мислењето на основната синдикална организација на мнозинскиот Синдикат во ЈП МРТ, доколку јавниот службеник е негов член.
Завршни зборови
Член 18
По изведување на сите предложени докази и утврдување на фактите, Претседателот на Комисијата ги повикува, редоследно, подносителот на предлогот за покренување на дисциплинската постапка, јавниот службеник против кого се води дисциплинска постапка, да се обратат на Комисијата со завршни зборови, со кои се резимираат правните и фактичките аспекти на предметот, а потоа објавува дека расправата е завршена.
Расправата, по правило завршува во истиот ден кога е и започната.
По завршувањето на расправата, Комисијата пристапува кон советување и гласање, врз основа на исходот од гласањето доставува предлог до Работоводниот орган со мислење за сторениот дисциплински престап, односно му предлага дисциплинска мерка или да го отфрли предлогот, односно да ја запре постапката.
Прекин на постапката
Член 19
Постапката се прекинува, кога:
- некој од учесниците во расправата се наоѓа на подрачје кое поради поплави, други непогоди и слично е отсечено од местото на одржување на расправата;
- јавниот службеник против кого е поведена дисциплинска постапка, се разболел непосредно пред или додека трае дисциплинската постапка, што се докажува со отворено боледување од матичен лекар;
- Комисијата ќе одлучи да решава за некое претходно прашање или ќе побара од надлежен орган да и достави веродостојни исправи и информации, за чие изготвување е потребно подолго време.
За прекинот и продолжувањето на постапката Комисијата донесува посебен заклучок против кој не е дозволена жалба.
Член 20
Кога има прекин на постапката престануваат да течат сите рокови определени за вршење на дејсвијата во дисциплинската постапка.
За време на траење на прекинот на постапката, Комисијата не може да превзема никакви дејствија во постапката, освен ако прекинот настанал по заклучувањето на главната расправа, во кој случај Комисијата може, врз основа на таа расправа, да предложи изрекување на дисциплинска мерка.
Дејствијата што ги презеле учесниците во постапката додека трае прекинот на постапката немаат никакво правно дејство. Нивното дејство почнува откако постапката ќе продолжи.
Член 21
Постапката што е прекината од причините од членот 19 став 1 од овој Правилник продолжува кога ќе престанат причините за прекинот.
Роковите што поради прекинот на постапката престанале да течат, почнуваат да течат одново од денот кога Комисијата ќе донесе решение за продолжување на постапката.
Записник за текот на расправата
Член 22
За дејствијата преземени на расправата, записничарот води записник.
Записникот содржи податоци за: составот на Комисијата, записничарот, местото и времето на одржувањето на расправата, подносителот на предлогот за покренување дисциплинска постапка, јавниот службеник, законскиот основ за дисциплинскиот престап, битната содржина на исказите на јавниот службеник, сведоците и вештите лица доколку се повикани и доказите кои се изведени.
Записникот го потпишуваат: Претседателот, членовите на Комисијата и записничарот, подносителот на предлогот за покренување дисциплинска постапка и јавниот службеник против кого е поведена дисциплинска постапка.
Ако подносителот на предлогот за покренување дисциплинска постапка или јавниот службеник, одбијат да го потпишат записникот, се внесуваат причините за одбивањето.
Примерок од записникот му се предава на подносителот на предлогот за поведување на дисциплинска постапка и на јавниот службеник.
Одлучување на Комисијата
Член 23
Ако Комисијата констатира дека јавниот службеник не направил повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи, му доставува на Работоводниот орган, образложен предлог-мислење да го отфрли предлогот за покренување на постапката, односно да ја запре постапката.
Член 24
Ако Комисијата констатира дека јавниот службеник направил повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи и дека е одговорен за направената повреда на Работоводниот орган му дава предлог-мислење за соодветна дисциплинска мерка.
Предлог-мислењето од ставот 1 на овој член содржи:
- Вовед, во кој се наведува: составот на Комисијата, подносителот и бројот на предлогот и законскиот основ за покренување на дисциплинската постапка;
- Изрека, во која се наведува предлогот за изречената дисциплинска мерка, краткиот опис на повредата за која јавниот службеник е одговорен и законскиот основ за нејзиното предлагање;
- Образложение, во кое се наведува кои факти и кои докази се утврдени, оценката на изведените докази и околности кои се земени во предвид при предлагањето на мерката; и
- Деловоден број и потпис на Претседателот и членовите на Комисијата.
Член 25
За советување и гласање на Комисијата се составува посебен записник.
Записникот за советувањето и гласањето содржи податоци за: составот на Комисијата, записничарот, местото и времето на одржувањето на советувањето, текот на гласањето и предлогот на мерката, изречена од Комисијата.
Издвоените мислења, доколку ги има, се приклучуваат кон записникот за советувањето и гласањето, ако не се внесени во самиот записник.
Записникот за советување и гласање го потпишуваат сите членови на комисијата и записничарот.
Записникот за советувањето и гласањето се затвара во посебна обвивка.
Записникот од ставот 5 на овој член може да го разгледа само Комисијата на Агенцијата за администрација за решавање во втор степен по жалби на јавните службеници кога решава по правен лек и во тој случај записникот повторно се затвора во посебна обвивка и на обвивката се назначува дека записникот е разгледан.
Донесување на решение за изрекување дисциплинска мерка
Член 26
Работоводниот орган на ЈП МРТ врз основа на предлогот на Комисијата за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап во рок од 60 дена од денот на започнувањето на постапката донесува решение за изрекување на дициплинска мерка за дисциплински престап.
Член 27
Решението за изрекување дисциплинска мерка содржи:
- Вовед, во кој се наведува кој и кога го донел решението, по повод чија одговорност и во врска со чиј предлог;
- Изрека, во која се внесува видот на изречената дисциплинска мерка и краткиот опис на повредата за која јавниот службеник е одговорен;
- Образложение, во кое се наведува кои факти и врз основа на кои докази се утврдени, каква е оценката на изведените докази и кои околности се земени во предвид при изрекувањето на мерката и
- Правна поука за заштита на правата.
Член 28
За утврден дисциплински престап по спроведена дисциплинска постапка, Работоводниот орган со писмено решение може да изрече една од следниве дисциплинските мерки:
· парична казна во висина од 30% од едномесечниот износ на нето платата исплатена на јавниот службеник месецот пред извршувањето на дисциплинскиот престап, во траење од еден до шест месеци и
· престанок на вработувањето.
Против решението за изрекување на дисциплинска мерка јавниот службеник има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Агенцијата за администрација.
Агенцијата за администрација одлучува по жалбата во рок од 8 дена од денот на приемот на жалбата.
Член 29
При изрекувањето на дисциплинските мерки од член 5 на овој Правилник Работоводниот орган ќе ги земе предвид:
- тежината на дисциплинскиот престап;
- последиците од дисциплинскиот престап;
- степенот на одговорност;
- околностите под кои е сторен дисциплинскиот престап;
- поранешното негово однесување и вршење на работите и работните задачи;
- други олеснителни и отежнителни околности.
Член 30
Во дисциплинската постапка спрема јавен службеник не може да се предложат и изречат повеќе дисциплински мерки.
Ако во извршените дејствија на службеникот има битија од повеќе дисциплински престапи, се цени тежината на сите дејствија заедно и се предлага една дисциплинска мерка која е предвидена со Законот за јавни службеници.
Член 31
Јавниот службеник против кого се води дисциплинска постапка за дисциплински престап може да биде времено отстранет од ЈП МРТ.
Решение за времено отстранување донесува Работоводниот орган.
Јаниот службеник ќе биде времено отстранет во случаи кога:
- против него е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работата, или
- е покрената дисциплинска постапка за дисциплински престап, а повредата или неизвршувањето се од таква природа што неговото натамошно присуство во институцијата, додека трае постапката, штетно ќе се одрази врз јавната служба, односно ќе го осуети или оневозможи утврдувањето на одговорноста за дисциплински престап.
Временото отстранување од ставот 2 на овој член ќе трае до донесувањето на конечно решение во дисциплинската постапка.
Јавниот службеник, додека трае временото отстранување има право на плата во висина од 50% од платата што ја примил во претходниот месец.
Член 32
Дисциплинска постапка не може да се поведе ако поминале шест месеци од денот кога непосредно претпоставениот раководител, односно Работоводниот орган на ЈП МРТ дознале за повредата на работната дисциплина, неизвршување, несовесно или ненавремено извршувањена работите и работните задачи.
Дисциплинската постапка не може да се поведе ако поминале 12 месеци од денот кога е сторена повредата на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи.
Ако повредата на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи повлекува и кривична одговорност, дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на јавниот службеник не може да се поведе по изминувањето на две години од денот на дознавањето за повредата.
III. МАТЕРИЈАЛНА ОДГОВОРНОСТ
Член 33
Јавниот службеник вработен во ЈП МРТ е одговорен за штетата која на работа или во врска со работата, намерно или од крајна небрежност, ја предизвикал на ЈП МРТ.
Постапката за утврдување на материјална одговорност се води на начин и во постапка пропишана со овој Правилник.
Постапката за материјална одговорност во услови на постоење на материјална штета започнува со формирање Комисија за водење на постапка за утврдување на материјална одговорност на јавниот службеник.
Комисијата од став 2 на овој член ја формира Работоводниот орган на ЈП МРТ со решение.
Комисијата за водење на постапка за утврдување на материјална одговорност е составена од претседател и двајца членови од кои еден е претставник на синдикатот и нивни заменици.
При формирањето на Комисијата за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап се применува принципот на соодветна правична застапеност на сите заедници во Република Македонија.
Член 34
Комисијата за водење на постапка за утврдување на материјална одговорност работи во полн состав и доставува предлог до Работоводниот орган со мислење за утврдената материјална штета.
Работоводниот орган на ЈП МРТ врз основа на предлогот на Комисијата за водење на постапка за утврдување на материјална одговорност во рок од 60 дена од денот на започнувањето на постапката донесува решение за надоместок на штетата.
Член 35
Против решението за надоместок на штета од Работоводниот орган, јавниот службеник има право на жалба во рок од осум дена од приемот на решението до Агенцијата за администрација.
Член 36
Ако јавниот службеник во рок од три месеци од конечноста на решението за надоместок на штета, не ја надомести штетата, ЈП МРТ ќе поведе постапка пред надлежниот суд.
Член 37
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се поведе, ако поминале 60 дена од денот кога непосредно претпоставениот раководител или Работоводниот орган на ЈП МРТ дознале за тоа.
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се покрене, ако од денот кога е сторена материјалната штета поминало една година.
Член 38
Правилникот за одговорност на јавните службеници во ЈП МРТ ќе биде објавен на огласна табла на ЈП МРТ.
Член 39
Овој Правилник стапува во сила осмиот ден по објавувањето на огласната табла на ЈП МРТ
Управен Одбор на ЈП МРТ
Претседател
Дарко Стефановски