Тече рокот за поднесување годишни даночни пријави

29.01.2016 17:08

До 15-ти март граѓаните кои оствариле допонителни приходи треба да поднесат годишна даночна пријава. Од УЈП апелираат – да не се чека крајниот рок, за да се создава метеж пред шалтерите. Рокот тече, фирмите до 25 јануари имаа обврска да им ја дадат збирната пресметка за приходите, платениот персонален данок и придонесите за минатата година...

Тече рокот за поднесување на годишните даночни пријави. Искуствата од претходните години покажуваат дека најмногу метеж на шалтерите има последните денови. Граѓаните со кои разговаравме велат дека нема да го чекаат крајниот рок, обврските ќе ги завршат навреме.  

Работодавецот и фирмите кои вршеле исплати на приходи во изминатата година имаа законска обврска најдоцна до 25-ти јануари 2016 година да издадат збирна пресметка во која ќе бидат искажани вкупните износи на исплатените приходи, платениот персонален данок и придонесите во 2015 година.

Регистрираните корисници на системот Е-даноци, годишната даночна пријава можат да ја пополнат он-лајн и да ја поднесат електронски. Пријавата може да се поднесе  и во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта. Лани во канцеларијата на УЈП во Градскиот трговски центар биле поднесени 100.000 пријави.

Сите даночни обврзници кои нема да се пријават во дадениот рок, ќе се смета дека направиле прекршок согласно со законот за персонален данок на доход. За прекршителите се предвидени парични казни.

 

Викторија Милевска