Поддршка за 181 проект од областа на заштитата на недвижното културно наследство

01.02.2016 10:37

Главен акцент во Програмата има континуираната опсервација и заштита на недвижните споменици на културата со поддршка на проекти кои се однесуваат на санација, реставрација на сакрални и профани градби

Во областа на заштитата на недвижното културно наследство, во 2016 година преку Годишната програма на Министерството за култура се поддржани 181 проект, од кои реализацијата на 163 е во надлежност на националните установи, конзерваторски центри и заводи за заштита на културното наследство. Останатите се проекти предложени од други корисници, како институти, локални установи, здруженија на граѓани.

Главен акцент во Програмата има континуираната опсервација и заштита на недвижните споменици на културата со поддршка на проекти кои се однесуваат на санација, реставрација на сакрални и профани градби, фрескоживопис, како и проекти за валоризација и ревалоризација на споменичните добра, а се поддржани и проекти за адаптација и ревитализација на одделни споменици на културата во современи простори за промоција на културата.

Петта година по ред ќе продолжи проектот за обнова на фасадите во старите градски јадра, а меѓу позначајните проекти поддржани во Годишната програма се: заштита на Коџа Мехмед џамијата во Табановце; реконструкција на куќата на Татарчеви во Ресен и нејзина адаптација во музеј, која треба целосно да биде реализирана оваа година; адаптација на објектот Јени џамија во современ галериски простор; обнова на на манстирскиот комплекс Трескавец; непосредна заштита на споменикот „Илинден“ во Крушево и обнова на конаците во манастирот Св. Никола во скопско Љубанци.