Македонија со напредок во најновиот извештај на фондацијата „Херитиџ“

01.02.2016 11:55

Според најновиот извештај на фондацијата „Херитиџ“ и „Вол Стрит Журнал“ за економските слободи во светот, Македонија е прва на Балканот и 47-ма во светот...

Македонија е најдобропласирана од балканските држави во годинешниот извештај за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ и весникот „Вол Стрит Журнал“. Нашата земја, од вкупно 178 рангирани држави, е на 47 место, во групата умерено слободни економски држави.

Македонија во ова рангирање има оценка од 67,5 поени. Со извештајот се опфатени категориите: владеење на правото, ограничување на државниот сектор, регулаторна ефикасност и отвореност на трговијата.

Највисоки оценки имаме кај фискалните, монетарните, трговски и бизнис слободи, во делот на владините трошења, а најниски оценки кај заштитата на правата од сопственост  и слободите од корупција. Во однос на правната рамка, наведено е дека подобрувања создаваат подобра клима за домашните и странските инвеститори, иако се уште треба да се работи на спроведување на правото.

Наведено е и дека во изминативе 10 години се направени значителни економски реформи. Макроекономската стабилност е на релативно високо ниво, а со воведувањето на конкурентни рамни даночни стапки и отворен модел на трговија, се поттикна развојот на претприемништвото – се вели во извештајот.

Водечката тројка во светот се Хонг Конг, Сингапур и Нов Зеланд, на дното е Северна Кореја.