Светот стравува од можна пандемија на вирусот Зика
Вирусот досега е регистриран во 28 земји, претежно во Централна и во Јужна Америка. Но, средиштето е во Бразил. Властите стравуваат дека епидемијата може да предизвика сериозни проблеми за време на олимписките игри закажани за август

По алармантното ширење на вирусот Зика и галопирачкиот раст на бројот на заболени, генералниот директор на Светската здравствена организација, Маргарет Чан свика итен состанок во Женева. Светот стравува од можна пандемија. Од вирусот во првиот бран можат да заболат 4 милиони луѓе и затоа на состанокот се решава за прогласување вонредна состојба во светот.
„Ние ја губиме војната со комарците. Се додека трае нивната репродукција ние сме постојано во опасност. Затоа треба итно да се мобилизираме“, вели претседателката на Бразил, Дилма Русеф.
Вирусот досега е регистриран во 28 земји, претежно во Централна и во Јужна Америка. Но, средиштето е во Бразил. Властите стравуваат дека епидемијата може да предизвика сериозни проблеми за време на олимписките игри закажани за август. Локалните власти покренаа акција, масовно се дезинфицираат најзагрозените региони со дезинсекција на гнездата.
„Ги преземаме сите мерки за да можеме за време на олимписките игри да обезбедиме безбедна средина за сите спортисти. Ние сме сигурни дека мерките што се преземени ќе дадат резултати“, вели Густаво Нашименто.
И спортистите стравуваат за сопственото здравје. Тренинзите се одржуваат во сали, а поголемиот дел од нив се во карантин. Меѓународниот олимписки комитет ги повика Националните комитети да ги следат препораките на Светската здравствена организација.
„Планирам постојано со мене да носам спреј против комарци, но сигурно нема да излегувам надвор од хотелот“, вели Алиса Лампе, борач.
Трикратната светска првенка во борење Аделина Греј, која и на овие игри претендира за златен медал, сериозно е загрижена за својата здравствена состојба.
„Опасноста демне при секое патување. Владата мора да се справи со оваа опасност. Мислам дека ако бев бремена или ако планирав да имам дете ќе ја сменев одлуката и немаше да дојдам. Во моментов моите тренери не ми дозволуваат да се капам во отворени базени“, изјави Аделина Греј, борач.
Вирусот Зика, кој се пренесува со комарци се манифестира со симптоми на треска, појава на конјуктивитис, и е проследен со силни главоболки.
Марија Петковска
