Собрание: Најнередовни лидерите на ДПА и ДУИ, Сугарески со најмногу предложени закони
6-месечен извештај за работата на народните избраници во законодавниот дом. Според информаторот во периодот јули-декември 2015, најнередовни биле лидерите на ДПА и на ДУИ, Тачи и Ахмети. Спикерот Вељаноски пак ја предводи листата на пратеници кои воопшто не отсуствувале од пленарките. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Сугарески е со најмногу предложени закони, пратенички прашања и реплики, односно контрареплики.

Лидерите на ДПА и на ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети ја предводат листата на пратеници со најмногу оправдани отсуства од пленарните седници. Тачи отсуствувал на 78, а Ахмети на 72 заседанија, колку и неговиот сопартиец Хазби Лика. Следуваат Ристо Манчев со 46, Артан Груби со 44 и независната пратеничка Љубица Буралиева.
Листата на најредовните е најдолга. Првиот меѓу еднаквите, претседателот на Собранието Вељаноски, ја предводи листата. Зад него се Рафис Алити, Љупчо Димовски, Весна Ковачевска- Илиевска, Катрина Азизи, Благица Ласовска.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески има најмногу реплики, односно контрареплики- 99 и најголем број процедурални интервенции,24. Неговиот сопартиец Марјанчо Николов е втор по репликите и контрарепликите, 77, а пак координаторот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски е втор на листата по процедуралните интервенции. Списокот на оние кои не застанале пред микрофонот, разбирливо е многу подолг.
Како што стои во собранискиот информатор, и овде како и на листата на оправдано отсутни предничат лидерите на ДУИ и на ДПА, Ахмети и Тачи. Речиси ги има од сите пратенички групи. Споредбено со последниот 6-месечен извештај кога најмногубројни беа пратениците од СДСМ поради поднесените оставки, овојпат сликата е поинаква.
Според меѓупартискиот договор од јуни и јули, опозицијата во Законодавниот дом се врати на први септември. Најмногу закони предложил координаторот на СДСМ Сугарески- 21, а со 15 зад него 14 народни избраници, главно негови сопартијци.
Талат Џафери од ДУИ има поднесено 10, а Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ 7 предлог закони.
Листата со најмногу поставени пратенички прашања ја предводи координаторот на социјалдемократите Сугарески со 12, а по него следуваат Павле Саздов и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ со 7, односно 5 прашања до Владата.
Имер Алиу од ДПА со 399 амандмански интервенции е прв според шестмесечниот извештај „Мој пратеник“, а пак социјалдемократот Марјанчо Николов има најмногу дискусии во Законодавниот дом.
Милчо Велески
