Синдикатот на протест, Попоски тврди- воведени се високи критериуми во дипломатската служба

01.02.2016 16:24

Синдикатот на македонската дипломатска служба излезе на протест пред Министерството за надворешни работи. Незадоволни се од непрофесионалната дипломатска служба. Министерот за надворешни работи тврди дека сите измени во законот се направени за повисоки стандарди...

Ниски стандарди во извршувањето на работата, депрофесионализирана дипломатска служба- ова се причините поради кои Синдикатот на македонската дипломатска служба излезе на протест пред Министерството за надворешни работи. Негодуваат зашто дипломатските претставништва имаат помалку пари, а повеќе средства им се доделуваат на економските промотори.

„Не случајно упорно и упорно повторуваме- професионализам- тоа значи дека ни треба сериозен фокус на нашата дипломатија токму во време на избори. Само професионално, а тоа значи неутрална дипломатија во најголема мера може да ги попречи евентуалните злоуптореби на гласовите од дијаспората“, изјави Сашо Тодоровски.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски вели дека сите измени во законот се направени за зголемување на професионалните стандарди во дипломатската служба. Новите дипломати подлежат на ригорозни тестови. Негира дека се врши злоупотреба на пасошите бидејќи министерството има акциски план за нивно издавање во дипломатските претставништва.

„Работат совесни дипломати, одлични професионалци, кои си го знаат занаетот и најдобро знаат да ја претстават Република Македонија во светот. Во изминатите години, воведовме многу високи стандарди за професионалност за оние кои се влезени во министерството, направено е на секое упатување на мандат, да биде упатено лицето кое е најконурентно за таа позиција“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Попоски.

„Работиме со онолку колку што имаме - финансиите со кои располагаме доаѓаат од македонските  даночни обврзници“, заклучува Попоски.

 

Миле Ристески