Собраниска делегација на Молитвен појадок во Вашингтон
Во состав на делегацијата се потпретседателот на Собранието, Рената Десковска и пратениците Павле Саздов и Нора Алити.

Собраниска делегација, предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, на покана на американски конгресмени престојува во Вашингтон, каде што ќе учествува на 64-от Молитвен појадок, традиционален, национален американски собир.
Во состав на делегацијата се потпретседателот на Собранието, Рената Десковска и пратениците Павле Саздов и Нора Алити.
Како што соопшти собраниската служба за односи со медиумите, македонската делегација, во текот на престојот во Вашингтон ќе учествува на неколку настани поврзани со Молитвениот појадок, ќе има и средби со повеќе конгресмени, сенатори, како и со претставници на меѓународни организации и фондации.
Секоја година претседателот на Соединетите Американски Држави и членовите на Конгресот, заедно со други високи функционери, како и дипломати и пријатели од повеќе од 140 земји од светот, се собираат на заеднички појадок да се заблагодарат за заемното пријателство и благосостојба.
