Рот: Политичката криза мора да се реши веднаш

02.02.2016 13:15

Важно е сите напорно да работат во исполнувањето на обврските од договорот од Пржино- порача државниот секретар за Европа во германското МНР, Михаел Рот.

Политичката криза во Македонија мора да се реши веднаш. Клучот е во Скопје, а не во Брисел. Важно е сите напорно да работат во исполнувањето на обврските од договорот од Пржино- порача државниот секретар за Европа во германското МНР, Михаел Рот.

„Од огромно значење е политичките лидери конечно да сфатат дека станува збор за иднината на државата. Мора да се држат до договореното, инаку ризикуваат изборите да не се одржат по сите стандарди на ЕУ. Заеднички се надеваме дека ќе и ставиме крај на политичката криза, со помош на договорот од Пржино кој ги идентификува итните реформски приоритети, како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, корупцијата и политизацијата на државните институции“, изјави Рот.

Според германскиот државен секретар, имплементацијата на договорот и реформите се далеку од тоа што треба да се, многу рокови и можности се испуштени. Работата на Специјалното обвинителство неколку пати е опструирана,  рерформите за медиумите не се ни почнати, а пред неколку месеци требаше да почне и прочистувањето на избирачкиот списокот.

„Целосната имплементација од договорот ќе нѐ стави во добра позиција да го ревитализираме интеграцискиот процес на Македонија во ЕУ. Во минатогодишниот извештај за напредокот на вашата земја, Европската комисија изрази подготвеност да ја одржи отворена препораката за продолжување на преговорите за членство, доколку договорот од Пржино е спроведен“, вели Рот. 

На студентите од Правниот факултет им порача- на младите останува земјата да ја движат   напред кон демократско општество, да ја доближите до членство во Европската унија.