Промовирана веб страницата deleteME.mk

02.02.2016 13:32

Оваа алатка се применува и во Норвешка. Македонија е домаќин на првиот годишен форум за заштита на лични податоци за земјите од Западен Балкан.

Со помош на новата алакта, веб страницата deleteME.mk, граѓаните ќе можат на ефикасен и транспарентен начин да се справат со нарушување на приватноста при користење на социјлните мрежи. Оваа алатка се применува и во Норвешка. Македонија е домаќин на првиот годишен форум за заштита на лични податоци за земјите од Западен Балкан.

„Испораката на јавните услуги кои јавните институции ја вршат кон граѓаните мора да биде исклучително безбедна. Како Министерство за информатичко општество и администрација одржуваме систем за интероперабилност во кој 25 државни институции разменуваат милиони лични податоци на дневно ниво. Во таа насока мерките и стандардите за информациска безбедност кои се поставени мора да бидат исклучително високи“, вели министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска- Томовска.

Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Горан Трајковски изјави дека станува збор за исклучително битен настан во регионални рамки и пошироко.

„Веруваме дека нема да остане само предзнакот Прв годишен регионален форум, туку дека навистина ќе прерасне во традиција како за земјите од Западен Балкан така и пошироко“, изјави Трајковски.

Според деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ, Иван Чорбев, на нашите студенти им е исклучително важно да се обучени за овие проблеми на денешницата.