СЗО: Вонредна состојба поради вирусот Зика
Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба и предупреди дека болеста експлозивно брзо се шири во Јужна и Централна Америка. Зголемениот број случаи на микроцефалија и други невролошки абнормалности е опасност за светското јавно здравје...

Светот стравува од вирусот Зика. Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба и предупреди дека болеста експлозивно брзо се шири во Јужна и Централна Америка. Зголемениот број случаи на микроцефалија и други невролошки абнормалности е опасност за светското јавно здравје и мора да се дејствува многу брзо, изјави Маргарет Чан, директорката на СЗО.
„Потребна е координирана меѓународна акција, поголем надзор и брзо детектирање на инфекции и вродени деформитети кај бремените жени и новороденчињата“, изајви директорката на СЗО, Маргарет Чен.
Не постои опасност од откажување на олимписките игри во Рио Де Жанеиро поради епидемијата, соопшти бразилската претседателка Дилма Русеф. Воедно издаде дозвола здравствените работници да влегуваат на сила на приватни имоти на кои треба да се уништат комарците. Земјата која е најпогодена од епидемијата ќе добие меѓународна помош во справување со болеста. Според СЗО, можно е во Бразил да има 1,5 милиони случаи на Зика вирус, а бројката на ниво на Америка може да порасне на 4 милиони во следните 12 месеци.
„Спортистите кои доаѓаат секако дека можат да се разболат од Зика, да имаат висока температура и да не можат да се натпреваруваат. Вирусот предизвикува сериозни здравствени проблеми, но најопасен е за бремените жени. Без разлика дали ќе има олимпијада или не, ние ќе ги преземеме сите чекори за да го заштитме населението“, вели Жак Вагнер.
Во меѓувреме и Хондурас прогласи вонредна состојба. Во земјата досега се регистрирани повеќе од 3.500 случаи на заразени од вирусот. Во Колумбија каде што болеста се шири многу брзо, владата почна со кампања за едукација на населението. Доброволци делат флаери и спрејови против комарци.
„Мислам дека ова е одлична идеја. Нашето здравје и здравјето на нашите бебиња е во опасност. Мислам дека владата прави сѐ за да не заштити“, вели една бремена жена.
Последен пат Светската здравствена организација прогласи глобална вондредна состојба во 2014-та година поради епидемијата на ебола.
Марија Петковска
