Доделени 76 социјални станови во Прилеп

02.02.2016 15:51

76 социјално загрозени семејства во Прилеп добија за прв пат свој покрив над главата. Денеска транспарентно, прелиминарно беше извршена распределбата. Комисијата ќе ја испитува фактичката состојба пред да се доделат клучевите од становите, а добитниците не ги криеа солзите радосници...

34 -годишната прилепчанка Наташа Цикуроска, самохран родител на четири деца не можеше да ги сопре солзите радосници дека доби социјален стан во прилепската населба Точила. Првиот топол дом е и роденденски подарок за нејзината 12 годишна ќерка.

„Прекрасно. Дом, покрив за моите четири малолетни деца. Најстарата е 12 години и во четврток, точно, и е роденденски подарок“, вели Наташа Цикуроска.

Со радост, неверување и многу емоции беше проследена денешната прелиминарна распределба на 76-те нови социјални станови. Возбудата е бескрајна.

„Пресреќен сум. презадоволен. Сакам да продолжи вака, да добијат сите што немаат услови, да имаат покрив над главата.“

„Чувството е прекрасно. Малку уште не ми е ни верно дали е така. Би требало. Самохрана мајка сум. Социјален корисник со две малолетни деца сум“, велат среќните добитници на социјалните станови.

Децата без родители имаа предност при распределбата на становите за социјално загрозените прилепски семејства од седум категории.

„Се работи за проект од 232-ца апликанти. од нив 173-ца беа со комплетна техничка документација. Денеска ќе ја направиме таа листа и потоа на терен ќе излезџеме да ги провериме сите граѓани, односно, дали се веродостојни нивните документи“, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

„Закупнината ќе изнесува 15 денари од метар квадратен. Или, за 45 метри квадратни стан ќе се плаќа околу 650 денари закупнина“, рече директорот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор Цветко Грозданов.

Денешната е првична и прелиминарна распределба на становите. Станарите на прилепската социјална зграда ќе ги добијат клучевите од новиот дом откако Комисијата ќе ја провери ситуацијата на теренот.

 

Елизабета Митреска