Рурален развој: Годинава на располагање се 33,3 милиони евра
Поддршка на здружувањето на земјоделските производители и инвестиции во водостопанството- лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски на трибина за руралниот развој. 80 агроинженери на терен информираат за искористување на средствата од програмата за финансиска поддршка...

Инвестирањето и поддршката во руралните средини дава резултати. Се подобруваат условите за живот на населението. Годинава ќе се инвестираат 33,3 милиони евра преку програмата за рурален развој, што дава ефекти.
„Програмата е изработена во соработка со здруженијата, агрокомпаниите и научните установи. Насочена е кон поддршка на проекти од инфраструктурен карактер, инвестиции во водостопанството и јавната инфраструктура, поддршка на економското здружување на земјоделските производители“, изјави лидерот на владејачката партија, Никола Груевски.
80 агроинженери на земјоделците им даваат поддршка за аплицирање и подобро искористување на средствата од програмата за финансиска поддршка. Постојано се на терен и ги информираат земјоделците за можностите што им стојат на располагање.
„Со кредитниот гарантен фонд, кој е нов инструмент, преку програмата за рурален развој ќе се овозможи финансирање на земјоделците неопходно за подобро искористување на ИПАРД програмата“, изјави министерот за земјоделство, Михаил Цветков.
Веќе еден месец е во функција гарантиот фонд и има повеќе апликации меѓу кои и за фарма со 30 крави. Министерот Цветков ги повика земјоделците да аплицираат и да ги користат можностите за финансиска поддршка преку програмата за рурален развој и ИПАРД програмата. Особено е поволна програмата 50:50 за набавка на добиток и за подигнување долгогодишни насади, за што се предвидени 5,6 милиони евра, а веќе има 600 апликанти додега, а огласот сѐ уште трае.
Утре излегува огласот за млади земјоделци преку кој ќе се доделуваат до 10 илјади евра за земјоделци на возраст до 40 години, кои што ќе достават бизнис- планови. На 24 февруари ќе излезе огласот за поддршка на земјоделски задруги за што се издвоени 2 милиони евра преку ИПАРД 2. На работниот состанок присуствуваа и повеќе градоначалници од оние општини кои имаат висок степен на искористеност на средствата вон програмата за рурален развој.
Наташа Гркова- Петрушевска
