Поддршка за Македонија од членови на Конгресот
Едно од попотребните прашања на кои треба да се фокусираме е приемот на Македонија во НАТО, истакна американската конгресменка и претседавач на Групата за пријателство со Македонија, Кендис Милер на средбата со претседателот на Собранието, Вељаноски во Конгресот. Американските конгресмени се интересирале за ситуацијата во Македонија, бегалската криза и што може САД да направи за поддршка на пријателската држава и сојузник.

„Македонија е долгогодишен пријател и сојузник на Соединетите Американски Држави и држава што придонесува за слободата и демократијата. Затоа е критично САД да направат се што е можно за силно лобирање за прием на Македонија во НАТО“, изјави конгресменката Кендис Милер, претседавачот на групата за пријателство во американскиот Конгрес со Република Македонија. На средбата меѓу претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и конгресменката Милер било разговарано за политичката ситуација во Македонија, бегалската криза и членството во НАТО.
„Америка во моментов е во изборен циклус и спомнав дека понекогаш посветуваме внимание на тоа отколку на многу други прашања кои се попотребни. Ова е едно од тие работи на кое треба да се фокусираме и да обезбедиме дека Македонија ќе стане членка на НАТО. Честопати истакнувам дека мојот кабинет и многу конгресмени ја гледаат Македонија како многу голем пријател и сојузник, сега и во иднина“, изајви конгресменот Кендис Милер, претседавач на групата за пријателство во Конгресот со Република Македонија.
„Реафирмирање на заедничката политика на пријателство меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Вакви средби се многу значајни, поддршката од конгресменката којашто искрено ја добиваме за Македонија. Мое укажување беше големо благодарам за досегашната и за идната поддршка што ја добиваме од нејзе и од другите конгресмени во групата за пријателство што се повеќе се зголемува во Конгресот на САД. Ние разговаравме за повеќе предизвици за коишто се интересираше конгресменката, за престојните предвремени избори, мигранската криза и секако самитот во Варшава. Разменивме свои мислења и заеднички се договоривме колку може од нејзина страна и од другите конгресмени овде да се помогне на Македонија“, рече претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Македонија доби силна поддршка од конгресменот од Њу Џерси, Бил Паскрел. Претседавачот на Комитетот за демократско партнерство Конгресменот Питер Роскам најави дека во мај ќе ја посети Македонија и има намера да ја вклучи земјата како членка на Комитетот за демократско партнерство. Ова го потврди и ко-претседавачот на Комитетот за демократско партнерство Конгресменот Дејвид Прајс. Вељаноски се сретна и со претседателот на влијателната Фондација „Херитиџ“, Џим ДеМинт.
85 американски конгресмени се поддржувачи за приемот на Македонија во НАТО. 50 од нив се членови на групата за пријателство со Република Македонија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
