Стандардизирана регистрација на мигранти долж транзитната рута
Мора да се издава унифициран и стандарден документ за регистрација што би овозможил увид за лицата кои се движат низ транзитната рута. Оние кои немаат документи или поседуваат лажни, нема да можат да транзитираат, заклучија директорите на полициите од Македонија, Хрватска, Словенија, Србија и на Австрија на состанокот во Скопје. Договорени се поконкретна соработка и размена на информации...

Задолжително издавање унифициран и стандарден документ за регистрација за полесен увид на лицата што се движат по транзитната рута. Оние кои немаат документи или поседуваат лажни, нема да им се дозволи транзит. Македонска иницијатива прифатена и од директорите на полициите на Хрватска, Словенија, Србија и Австрија. Ќе се воведат нови мерки и процедури со конкретен рок за спроведување.
„Се согласивме дека е неопходно потребно да се направат напори за стандардизација на регистрацијата на мигрантите долж рутата и да се воспостават јасни заеднички критериуми, кои мигрантите треба да ги исполнуваат за нивно транзитирање низ рутата. За таа цел неопходно е да се согласиме за стандардите на регистрационите методи и постапки. Тоа вклучува подготовка на стандардни документи кои треба да се издаваат од сите засегнати страни долж оваа западно- балканска миграциона рута“, нагласи директорот на Бирото за јавна безбеднос, Горанчо Савовски.
Разменети информации и за состојбите во нивните земји околу справувањето со мигрантската криза. На Словенечкко-австриската граница има воспоставен систем за контрола на лицата кои заминуваат во Австрија. 2.000 полицајци и 1.000 австриски војници се на границата меѓу двете земји кои го следат движењето на мигрантите. Австрија ќе испрати полициски тим и на Македонско- грчката граница.
„Крајно време беше да утврдиме заеднички стандарди за како да се регистрираат овие лица, за да можеме да ги разменуваме овие информации. Секако, ја цените поддршката од Македонија и напорите кои ги презема за реализирање на овој состанок и за сите претходни напори, така што во претсојниот период ќе ја поддржиме дополнително Македонија со тоа што ќе испратиме персонал и опрема“, рече генерал Франц Ланг, заменик-директор на австриската полиција.
На состанокот биле договорени конкретна соработка и размена на информации за случувањата долж Балканската рута, за избегнување на тензични ситуации на границите и справување со криумчарењето мигранти. За договореното и заклучоците ќе бидат информирани и другите полиции кои се соочуваат со мигрантската криза.
Наташа Гркова- Петрушевска
