Вељаноски во Вашингтон: Средби во највлијателните американски институти
Актуелната политичка ситуација и престојните избори, бегалската криза и членството на Македонија во НАТО беа главни теми на средбите на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски во Националниот Демократски Институт и Меѓународниот Републикански Институт во Вашингтон. На средбата на првиот човек на Собранието со македонските иселеници беше разговарано за изборите и начините за подобра комуникација меѓу дијаспората и Македонија...

Највлијателните американски институти, Националниот Демократски Институт (НДИ) и Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) беа информирани за политичката ситуација и претстојните предвремени избори, бегалската криза и членството на Македонија во НАТО. Претседателите на НДИ, Кенет Волак и на ИРИ, Марк Грин на средбата со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски потврдиле дека проектите во Македонија ќе продолжат и во иднина, како начин за поддршка од овие американски институти за развојот на Македонија во сите области.
„Исто така ја искористив можноста со претседателите на два институти, многу значајни и битни овде во Соединетите Американски Држави, со претседателот на Националниот Демократски Институт и на Републиканскиот Институт да остварам средба и разменам мислења и согледувања кои се случувањата во Македонија и како ние гледаме на соработката со тие два институти. Од нивна страна имаше голема заинтересираност за досегашната и идната соработка на тие институти со македонскиот парламент, држава и институции. Тие дадоа поддршка за сите случувања и за сите евентуални идни активности што би се случиле во Македонија и во регионот. Нивната загриженост за мигранската криза, за предвремените избори, и исто така разговаравме за самитот во Варшава и за други прашања за кои од нивна страна беше покажан интерес, а јас ги презентирав како претседател за случувањата во македонскиот парламент и политичката сцена“, изјави претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Првиот човек на Собранието на средбата во седиштето на Обединетата Македонска Дијаспора ги информираше македонските иселеници за актуелната ситуација во Македонија и начините за справување со истата. На средбата на која присуствуваа и потпретседателката на Собранието, Рената Дескоска и пратеникот Павле Саздов, иселениците можеа да се информираат од двете политички партии за начините на кои можат политичарите и дијаспората да работат за подобра иднина на Македонија.
„Го потенциравме тоа што Обединетата Македонска Дијаспора го работи за подобрување на начинот на гласање на дијаспората. Повторно ја потенциравме неопходноста за електронско гласање, поради тоа што на пример во Америка не можат сите да излезат на гласање во тие 4 изборни места. Треба да се овозможи начин за да сите можат да го искористат тоа право. Бараме од Собранието да работи за ова прашање. Исто така побаравме и министерство за дијаспора, што е наше барање веќе неколку години од владата на Република Македонија. Веруваме тоа ќе биде еден начин како повеќе да се подобри комуникацијата меѓу татковината и дијаспората“, изајви Мето Колоски- претседател на Обединета Македонска Дијаспора.
Претседателот на Собранието на крајот од својата посета ќе учествува на Молитвениот појадок во Вашингтон чиј домаќин е американскиот претседател Барак Обама.
Делегацијата на македонското Собрание предводена од претседателот Трајко Вељаноски имаше посета во Соединетите Американски Држави пред значајните избори во Македонија, но пред изборите за претседател во САД.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
