Јолевски: Македонската граница не е затворена, соодветно се контролира поради миграциската криза
Интеграцијата во НАТО ќе има стабилизирачки ефект врз регионот, смета Јолевски.

Македонската граница не е затворена, таа соодветно се контролира поради актуелната миграциска криза, изјави во Вашингтон на состанокот со германскиот Маршалов фонд, министерот за одбрана Зоран Јолевски.
„Оградата на границата не е да се затвори границата, туку да се контролира приливот на мигранти и нивна регистрација. Границата останува отворена. Но, Македонија е загрижена за можната одлука некоја од земјите од Шенген зоната да ја затворат границата, што би принудило илјадници мигранти да останат во Македонија“, рече министерот за одбрана, Јолевски.
Интеграцијата во НАТО ќе има стабилизирачки ефект врз регионот, смета Јолевски.
„Треба да се забрза евроатланската интеграција на земјите во регионот. Поканата на Црна Гора во НАТО е голем чекор напред. Интеграцијата на Македонија во НАТО и Европската унија ќе има стабилизирачки ефект врз земјата. Овие политики ќе го зајакнат регионот“, потенцира министерот за одбрана.
