Светските лидери во Лондон: Милијарди за помош на Сирија и регионот
Велика Британија, Германија, Кувајт, Норвешка и ООН ги собраа светските лидери на Конференција во Лондон. Се одредуваат пари за поддршка на Сирија и за регионот, се разгледуваат одржливи мерки за амортизирање на последиците од војната. Во Лондон е македонскиот шеф на државата, кој имаше средба со домаќинот Камерон...

Часови откако мировните преговори во Женева се ставени во мирување, светските лидери се на средба во Лондон. Повеќе од 70 шефови на држави и на влади се во британската престолнина во обид да соберат 9 милијарди долари, помош за луѓето погодени од војната во Сирија.
Сириската војна полека влегува во шестата година, а последиците се застрашувачки: потребна им е помош на 18 милиони луѓе, 6,5 милиони се внатрешно раселени, речиси 5 милиони избегаа од земјата. Конфликтот предизвика потрес во регионот, но и во европските земји, кои се соочија со бегалска криза од историски размери.
Парите кои ќе се соберат ќе стават во фондови за поддршка на Сирија и на земјите од регионот кои ги трпат последиците од војната, за отворање нови работни места, за обезбедување услови за образование на децата- бегалци, за изградба на населби во соседен Јордан, за обнова и за создавање нови економски можности, и за Сирија и за земјите кои прифаќаат бегалци.
Војната во Сирија не е нешто што се случува таму некаде на Блискиот Исток, домино ефектот се чувствува во Европа. Погодена е и Македонија, која се наоѓа во срцето на балканската бегалска рута.
Според македонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов кој е присутен во Лондон, во изминатите 13 месеци, низ Македонија, минале над милион мигранти и бегалци. Тоа македонските институции ги чини милиони евра годишно. И покрај ова, Ивнов вели дека Република Македонија како одговорен и солидарен член на меѓународната заедница, во рамките на своите можности ќе придонесе во обновата на Сирија.
Македонскиот претседател во Лондон, на примерот кај принцот Чарлс, се сретна со домаќинот, премиерот Дејвид Камерон. Се согласиле дека мора да се зголемат капацитетите за заштита на македонско- грчката граница. Иванов му соопштил на Кемерон дека во последо време, на границата се откриваат сè повеќе луѓе со лажни исправи, издадени од Фронтекс, кои се обидуваат да ја минат границата, се зголемуваат безбедносните ризици.
Се погласни се мислењата дека во однос на Сирија треба да се дејствува брзо и одлучни, во спротивно европските земји можат да се соочат со интензивен пролетен, бегалски бран.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Лондон за МРТ
