Климатските промени скапо ја чинат економијата
Глобалното затоплување стана факт и за најголемите скептици. Поларниот вител што ги окова САД и Канада веќе не е изговор, туку непобитен показател. Колку навистина е топла оваа зима покажа сушата во Калифорнија. Феноменот е директна последица на топењето на арктичкиот мраз и од година на година ќе ги чувствуваме неговите последици на северната хемисфера.

Глобалното затоплување стана факт и за најголемите скептици. Поларниот вител што ги окова САД и Канада веќе не е изговор, туку непобитен показател. Колку навистина е топла оваа зима покажа сушата во Калифорнија. Феноменот е директна последица на топењето на арктичкиот мраз и од година на година ќе ги чувствуваме неговите последици на северната хемисфера.
„Како што се намалува температурната разлика меѓу Арктикот и средната географска должина, поларниот вител губи на сила и станува побрановит. Тоа значи поголеми излети на студената маса подлабоко на југ и на топла маса подлабоко на север“, објаснува Џон Холдрен, советник за наука и технологија на Обама.
На северот мразот ги окова моќните Нијагарини водопади, реката Хадсон и езерото Мичиген. Климатските промени ја сменија и економската клима - откажани летови, затворени патишта и загубени дневници на луѓе заглавени во наносите, на километри од своите канцеларии. Од друга страна, цветаше продажбата на лопати за снег, а мајсторите не можеа да кренат глава од работа на цевките испукани од мразот.
„Студот ќе има големо негативно влијание на економијата, од околу 5 милијарди долари“, вели Кристин Дрејк од „Планалитикс“, кои им помагаат на бизнисите да се подготват за временските услови.
Во Калифорнија, гувернерот Џери Браун прогласи вонредна состојба по досега најдолгиот период без дожд. Сушата тешко ги погоди плантажите и фармите, а нивото на водата во резервоарите е на 20 проценти под досега најниското забележано.
„Гледаме во небото и следиме метеоролошка прогноза, но не најавуваат никаков дожд. Камен суво е од Тексас до Калифорнија, од Орегон до Колорадо“, велат калифорниските сточари.
И во Европа последици по една од досега најблагите зими – разбудени мечки во Русија, кокичиња во Романија и рекордно ниски сметки за греење. Зимските служби ја дочекаа зимата подгототвени, но снегот ги изненади – не падна - бизнисите останаа со полни складишта камена сол. Во Хрватска веќе се појавија првите плодови.
„Се појавија сливи, а немаше ни цветови ни листови. Не разбирам што е ова, времето или божја работа“, се чуди Омер Реџеповиќ од Водице, близу до Шибеник.
Во Википедија феноменот доби сопствена страница – Северноамериканскиот студен бран од 2014, со забележани рекордни температури. Но зимата е далеку од завршена, предупредуваат метеоролозите. Поларниот вител повторно ќе ги зафати САД и Канада, а непредвидливиот студ нема да ја поштеди ни Европа, оваа или наредната година. Феномените Ел Нињо и Ла Ниња од екваторијалниот дел се пресликани во поларниот вител на северот.
Ивана Салтировска
