Македонија се вклучува во помошта за Сирија и регионот
Велика Британија, Германија, Кувајт, Норвешка и ООН ги собраа светските лидери на конференција во Лондон. Се одредуваат пари за поддршка на Сирија и за регионот. Полицијата на македонско- грчката граница открива сѐ повеќе бегалци со фалсификувани документи. Во Лондон е македонскиот шеф на државата, кој имаше средба со домаќинот Камерон...

Часови откако мировните преговори во Женева се ставени во мирување, светските лидери се на средба во Лондон. Повеќе од 70 шефови на држави и на влади пристигнаа во британската престолнина во обид да соберат 9 милијарди долари за луѓето погодени од војната во Сирија.
Сириската војна влегува во шестата година, последиците се застрашувачки: потребна им е помош на 18 милиони луѓе, 6,5 милиони се внатрешно раселени, речиси 5 милиони избегаа од земјата. Се бара одговор на кризата. Светските лидери предлагаат финансиска помош за отворање нови работни места, за изградба на населби за бегалците, за отворање улилишта за децата- бегалци, за обезбедување медицинска нега, предвидено е и интензивирање на економските врски со погодените земји.
„Кризата во Сирија влегува во својата шеста година. Меѓународната заедница има огромна одговорност поради неуспехот да се стави крај на истата. Се надеваме дека напорите на специјалниот пратеник на ОН, Стефан Де Мистура ќе вроди со прогрес“, смета генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.
„Како што рече канцеларката Меркел, денеска треба да биде ден на надеж. Со сето она што е тешко во сириската криза. Денеска се работи за финансиска помош за бегалците. За помош на тие луѓе, на нивните смејства, за едукација на нивните деца, да им се даде достоинството да работат. Тоа е суштината на денешниот состанок“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Велика Британија.
Македонија која е во срцето на балканската бегалска рута ќе остане транзитна земја, кампови кај нас нема да се градат, но ќе и се помогне на Сирија.
„Во рамки на нашите можности, преку институциите на ОН и ние се вклучуваме во меѓународната помош, меѓутоа и ние ги трпиме последиците од ситуацијата во Сирија и во регионот, изложени сме на трошоци без наша вина и тоа е на некој начин удел во овие предизвици со кои се соочува Блискиот Исток“, изјави претседателот Ѓорѓе Иванов.
Македонскиот претседател имаше средба со домаќинот, премиерот Дејвид Камерон. Се согласиле дека мора да се зголемат капацитетите за заштита на македонско – грчката граница, бидејќи безбедносните ризиџи се зголемуваат. Полицијата открива сè повеќе бегалци со лажни документи кои ја минуваат грчката граница, па оттука се предлага да се прифати единствен биометриски регистрационен документ.
„Не сме оставени сами, и другите пријателски земји се обидуваат да ни помогнат, бидејќи со тоа се штитат и самите себе. Ова е глобален проблем и сеској треба да даде свој удел за справување со предизвиците“, потенцира Иванов.
Иванов имаше и бројни билатерални средби со колегите од регионот, меѓу кои и со грчкиот премиер Ципрас, со бугарскиот Борисов, со словенечкиот Церар.
Се погласни се мислењата дека одлуки за Сирија и за регионот треба да се донесат брзо, во спротивно, земјите ќе се соочат со интензивен пролетен бегалски бран.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Лондон за МРТ
