Системот за национална безбедност да се гради интегрирано

04.02.2016 15:11

Системот за национална безбедност треба да се гради интегрирано, вклучувајќи го и образовниот процес. Промовиран научниот труд „Образованието во системот на одбраната“ прв од ваков вид во државава, по 23 години. Се обработува военото образование и обуката на вработените во одбраната и во армијата, но и произведувањето на идните офицери на воената академија...

Образованието и обуката се основата за напредување во кариерата. Уште еден доказ како науката и практиката може да се обединат во книга, што може да најде место при едукацијата на кадрите од областа на одбраната и безбедноста,но и на воената академија. По нешто повеќе од две децении во земјава прв научен труд за образованието во системот на одбраната, дело на полковникот Златко Кузманов, на кое работел три години. Вели дека образованието е нераскинлив дел од системот за национална одбрана. Армијата и полицијата се главните носители во тој систем, но тој зависи од системот за национална безбедност што треба да се гради интегрирано, бидејќи новите закани бараат силен безбедносен систем.

„Прашањата на за националната безбедност според мене треба да ги работиме заедно, обединето, сите субјекти во државата. Не треба да бидат предмет на дневно-политички препреки, расправии и полемики. Тука треба сите за имаме консензус и заеднички да настапуваме кога се однесува за националната безбедност“, вели половникот Златко Кузманов, автор на книгата.

Неговите ментори велат дека научниот труд се базира на сеопфатна анализа на образовниот процес во одбраната и безбедноста, но и на искуствата на професионалците задолжени да го спроведуваат. Професорот Нацев очекува за делото кое е со неоспорен квалитет, да се зборува во наредниот период.

„Потребата од образование, обука, оспособување и усовршување на кадрите и извршителите, за посоодветно вршење на нивните задачи, никогаш не било ставено под знак прашање“, вели Зоран Нацев, професор на Факултетот за одбранбени и мировни студии.

Кога се прават крупни проекти, како што е примерот со формирањето на новиот Универзитет за национална одбрана и безбедност, според Кузманов, покрај националната димензија,треба да се гледа и на регионалниот придонес.

Мора да се избориме Скопје и Македонија да прерасне во трет центар за национална одбрана и безбедност покрај Белград и Загреб. Тоа ќе значи поактивно учество во регионалните иницијативи, но и остварување на целта- евроатлантско интегрирање.

 

Милчо Велески