Во Охрид ќе се гради современ конгресен центар

04.02.2016 15:18

Идната година ќе започне изградба на голем конгресен центар во Охрид. Објектот ќе никне на атрактивна локација во непосредна близина на езерото и ќе располага со 1.500 до 2.000 седишта. Изградбата ќе ја финансира државната компанија ЕЛЕМ.

Охрид ќе ја збогатува туристичката понуда со развој на елитен конгресен туризам. За таа цел ќе се изгради современ конгресен центар наменет за организирање на големи меѓународни собири, кои досега не можеа да се одржуваат поради малиот капацитет на туристичките објекти. Конгресниот центар ќе располага со голема сала со капацитет од 1.500 до 2.000 седишта и уште шест помали сали за одржување на сателитски конгресни активности.

„Охрид е познат по организација на конгреси, меѓутоа се работи за конгреси, семинари или манифестации од помал обем,колку што имаат капацитет постоечките охридски хотели и сали. Но, за сериозно организирање на големи конгресни активности или организација на големи конгреси ни треба конгресен центар“, вели охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.

Конгресниот центар ќе се гради во населбата Даљан во непосредна близина на езерото, а реализацијата на проектот ќе започне идната година. Изградбата на објектот ќе ја финансира државната компанија ЕЛЕМ, која веќе работи на идејниот проект.

 

Сашо Нелоски