Молотови коктели и солзавец во Атина: Генерален штрајк и масовни протести против пензиските реформи

04.02.2016 15:42

Конкретнен повод за овој генерален штрајк и протестите во Атина и во Солун се реформите во пензискиот систем што Тројката меѓународни кредитори ги бара од земјата.

Со молотови коктели и камења, Грците веќе традиционално, на плоштадот Синтагма пред Парламентот, го искажаа своето незадоволство поради мерките за штедење што владата на Алексис Ципрас треба да ги спроведе во следниов период. Денешниот протест, на кој што излегоа околу 50 000 лица, започна мирно , но кулминираше со нереди, на што полицијата возврати со солзавец. Повреден беше и еден новинар кој што е пренесен во болница, но неговата состојба не е сериозна.

Конкретнен повод за овој генерален штрајк и протестите во Атина и во Солун се реформите во пензискиот систем што Тројката меѓународни кредитори ги бара од земјата.

Поради 24 часовниот штрајк на јавниот и приватниот сектор, Атина денеска е целосно парализирана. Во грчката престолнина нема буквално никаков превоз, бидејќи кон штрајкот на јавните превозници се приклучија и таксистите, а дополнителни проблеми создаваат и затворените бензински пумпи.

„Целата грчка работна сила, научници, самовработени професионалци, индустриски работници, сите реагираме затоа што сакаме да пратиме порака до владата дека овој предлог е непожелен и мора да биде повлечен. Ќе се бориме до крајот“, изјави Јанис Панагопулос, претседател на Синдикатот на работници од приватниот сектор.

Поради истата причина, продолжување, но и интензивирање на протестите најавуваат и грчките фармери, кои веќе втора недела ги блокираат главните автопати во Грција.

 

Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ