Расте бројот на малигни заболувања и смртноста од нив
Македонија е една од ретките земји во Европа каде смртноста на пациенти со рак континуирано се зголемува. Лани биле регистрирани 4.200 нови случаи со малигни заболувања. Според лекарите, најважно е раното дијагностицирање...

Расте бројот на заболени од рак. Лани се регистрани 4.200 нови случаи - покажуваат податоците на Клиниката за онкологија. Македонија е меѓу ретките земји во Европа каде што се зголемува и стапката на смртност. Во изминатата деценија за дури 9 насто. Раното дијагностицирање е најважно - велат лекарите.
„Секоја година се изготвува програма за рана детекција на малигни заболувања, во чии рамки се реализираат повеќе превентивни активности, меѓу кои се: скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на дебелото црево, скрининг за карцином на простата и скринингот за карцином на дојка“, изајви Јованка Костовска, Министерство за здравство.
Пет здруженија за борба против ракот формираа алијанса. Ќе се залагаат за подобри услови за лекувањеи подобра достапност до лекови.
„Една од првите активности кои ќе ги преземе Алијансата е прогласување на година на ракот, во насока на подготовка на национална стратегија за малигни заболувања и мисија за борба против ракот во период од 2016 до 2020 година“, изјави Биба Додева, претседател на здружението „Борка“.
Со конкретни мерки и акции преку партнерство на здравствените институции и здруженијата на пациенти до успешно менаџирање на борбата против ракот.
„Мораме да бидеме проактивни, мораме да преземеме конкретни мерки и акции. Голем исчекор во таа насока е поставувањето на малигните болести на ниво на приоритет во здравствениот систем на Република Македонија, а уште повеќе прогласувањето на 2016 година за година на борба против ракот во Република Македонија“, рече првата дама, Маја Иванова.
Во земјава ракот на белите дробови, на дебелото црево и на простата се најзастапени кај мажите, а кај жените ракот на дојката и грлото на матката. Од вкупниот број смртни случаи во државава, за 19 насто причина е ова заболување.
Андријана Атанасовска
