Ќе се утврдуваат причините и ќе се понудат решенија за проблемот со иселување на младите
Иселувањето на младите како проблем на денешницата ги седна на заедничка маса експертите од разни области кои треба да ја утврдат причината зошто младината се сели од земјава. Засега нема точна бројка колку млади се отселиле последниве години.

Универзитетските центри и сите географски региони од земјава ќе подлежат на скенирање за да се утврди каков е профилот на младите кои најчесто се иселуваат од Македонија. Откако ќе се утврди точната бројка и причината зошто среќата си ја бараат во други земји, ќе се детектираат слабостите и ќе се понудат решенија за подобрување на состојбите.
„Причините се економски, социјални, во потрага на нови можности... со ова истражување ние би утврдиле кои се причините поради кои младите ја напуштаат Македонија“, вели
Христијан Конески, Центар за европски иницијативи.
„Недоволната материјална сигурност е еден од компонентите кои и тоа како може да го загрози здравото функционирање на личноста, да предизвика стресни ситуации. Но, тоа е само еден сегмент, во системот на други можности кои прават една целина- здрава личност“, смета психологот Диана Белевска.
37% од активните баратели на работа во земјава се млади до 29 години. Од нив 16 отсто се со високо образование.
„За краток период ќе излеземе со многу нови рабони места кои ќе го покрија високо- образовниот кадар, напрво од техничките струки, но се надевам дека ќе има вработувања и за оние од општествените науки, со тоа што ќе задржиме добар дел од младите кои планираат да заминат од Република Македонија, да добијат можност во земјава, а доколку не најдат добар педизвик, тогаш да размислуваат за заминување од Република Македонија“, вели директорот на АВРМ, Владимир Поповски.
Резултатите од истражувањето треба да покажат и кои се слабостите на образовниот систем, со цел тој да се реформира, па во иднина повеќе внимание да се посветува на дефицитарните професии.
Анита Димитријевска
