Мигрантите ќе транзитираат со еден воз дневно и такси возила
Мигрантите кои транзитираат низ државава да се превезуваат со по еден воз дневно и со такси возила- реши управувачкиот комитет за кризни ситуации. По блокадата на таксистите, регулиран е сообраќајот на пругата кај Гевгелија...

Таксистите ја прекинаа блокадата на пругата кај гевгелија и таа е отворена за редовен сообраќај. На синоќешната седница на Управувачкиот комитет за кризни ситуации во кој има претставници од сите надлежни државни институции, било договорено мигрантите да се превезуваат со по еден воз дневно, а преостанатите да се превезуваат со такси возила.
Како што велат за МТВ од Центарот за управување со кризи, станува збор за привремена мерка чие времетраење не е определено и ќе зависи од дневниот прилив на мигранти од Грција. Со деблокада на пругата се исполнети и барањата на четирите синдикати на Македонски железници.
Прекинот и редукцијата на железничкиот сообраќај предизвикаа сериозна финансиска штета на Македонски железници и ја доведоа во прашање и редовната исплата на платите на повеќе од 3.000 вработени.
Свето Николовски
