Две трагедии во Прилеп

04.02.2016 17:20

Двегодишно дете изутрината е пронајдено удавено во канал со вода под Марковите кули, а 42 годишен прилепчанец е пронајден мртов во напуштени простории во градот...

Двегодишно дете е пронајдено удавено во канал со вода под Марковите кули во прилепската населба Тризла, на само 500 метри од семејниот дом.

Детето исчезнало уште вчера попладнето. Си играло во дворот, но кога најблиските сфатиле дека го нема, пријавиле в полиција. Тогаш почнала 15 часовната потрага по него во која се вклучиле и соседите. Неговото безживотно тело рано изутрината го пронашол дедо му во каналот со вода.

„Јас истрчав и кога го видов детето беше во вода. Во вода беше целосно легнато и над водата кренато. Го кренав, го донесов дома, му давав вештачко дишење, да му помогнам. Се јавивме в полиција“, вели дедото Тахир Ајдароски.

Обвинителството нареди обдукција за да се утврдат причините за смртта на детето. Мајката со уште четирите деца живее со нејзините родители. За нив е чудно што дел од облеката била покрај детето.

„Едната чизмичка беше надвор од водата, другата внатре. Блузичката беше соблечена и ставена во вода. Да не го има турнато нешто“, вели бабата Севија Ајдароска.

Со обдукција ќе се утврдува причината за смртта и на 42 годишниот прилепчанец Зоран Ристески чие тело денеска е пронајдено во напуштени простории кај средното економско училиште. Тој имал повреда на главата и на вратот.

 

Елизабета Митреска